Република Македонија стана мека и медина за сите што се занимаваат со одгледување или продажба на дрога, односно канабис, рече денеска портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
„Веста која излезе низ медиумите дека во Република Македонија се увезени 8.5 тони марихуана, и тоа внимавајте од Лесото, една од најнеразвиените земји од Африка, во вредност од десетици милиони евра е показател за неколку работи. За тоа во што се претвори Република Македонија изминатите четири години под водство на Зоран Заев и СДСМ. Очигледно е дека Република Македонија под водство на Зоран Заев стана најпримамлива како држава за бизнисот со дрогата и канабисот“, додаде Арсовски.
„Очигледно е дека од 50-тина лиценци кои се дадени за одгледување марихуана во Република Македонија, не функционираат сите фирми и полесно е да се увезува од странски земји како на пример Лесото од Африка, земји кои се на најниско можно ниво во Африка и не се развиени, отколку самите фирми тука да произведуваат канабис. Сите оние лиценци хиперпродукција кои беа издавани од Владата и потпишувани лично од Зоран Заев, беа давани само поради тоа што беа платени кај пајташите на Зоран Заев за подоцна кога планот на Зоран Заев би се донел законот за трговија со канабис кој што е сега предложен, да можат да ги препродадат истите лиценци, но за нивна жал, а за среќа на граѓаните нема да дозволиме тој закон да се изгласа и да се донесе во Собранието“, истакна портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.
Според Арсовски, Зоран Заев претходно најавуваше инвестиции од типот на Гугл, Фејсбук и големи светски компании кои што едвај ги изговараше, а на крајот, како што вели, Република Македонија станала тло и Зоран Заев и донел бизнис каде што се увезуваат 8,5 тони дрога.
„Актуелно е периодов законот кој што е поднесен во Собранието од страна на Владата кој што треба да го брани Венко Филипче како најблизок на фамилијата Заеви во заштита на нивниот криминал за продажба и трговија со марихуана и тоа е со една и единствена цел, да ова што го прави Лесото од Африка да го прави на легален начин и семејството Заеви, бидејќи се најбројните сопственици на лиценци за одгледување канабис“, вели Арсовски.