Три години празни ветувања дека сме го добиле датумот и дека отпочнуваме преговори со Европската Унија, три години разочарувања за граѓаните. Заев вети – Заев излажа, истакна на денешната прес конференција, Стефан Андоновски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, уште пред три години, Заев ветил дека ќе си поднесе оставка доколку не почнеме преговори со ЕУ.
„Поминаа три полни години од сликата во авионот со која Заев не убедуваше дека веќе преговараме со ЕУ. Денес се случи она за што три години предупредуваме, а тоа е дека датумот за преговори со Европската Унија е недостижен додека е Заев на власт. За жал Македонија останува и пред портите на ЕУ, и национално понижена“, вели Андоновски.
Андоновски оценува дека постојат и две лоши тенденции.
„Едната е дека Заев крие што предлагал за македонскиот јазик и историја додека коленичел во Софија. Никој не знае кое е новото национално понижување на кое тој е подготвен да се согласи. Заев на овој начин трајно ги минира позициите на Македонија. И второто е што никој во македонската дипломатија не лобира за Македонија. Македонија овие денови требаше да има претставници во европските метрополи. Да бараат поддршка од сите европски лидери. Затоа што ние имаме европски пријатели, но со нив никој не комуницира. Но, европска поддршка за владина корупција не постои и не може да се бара“, додава членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Андоновски вели дека заради Заев довербата на граѓаните во политиката е на историскиот минимум.
Потенцира дека неговата партија и во наредниот период ќе продолжи да лобира Македонија да го добие своето заслужено место помеѓу партнерите од Европската Унија.