Стефан Андоновски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, денеска од Неготино порача дека граѓанската акција за собирање потписи со кои ќе се поништи Законот за попис се одвива одлично, додавајќи дека во тој град се собрани повеќе од 1.000 потписи.
„ВМРО-ДПМНЕ не е против попис, пописот ни е сериозно потребен за градење на политики, мерки за во иднината, за планирање на економија, за планирање на вработувања. Но, тие вработувања не смеат и не можат да се базираат на попис кој е некредибилен, спротивен на сите стандарди, политички мотивиран“, порача претставникот на опозициската партија.
Тој додаде дека акцијата ќе продолжи уште две недели во сите градови и изрази надеж дека ќе бидат постигнати сериозни бројки.
„Почнавме многу сериозно, во првиот викенд беа собрани над 50.000 потписи. И сигурни сме дека до крајот на акцијата бројката ќе стане и шестцифрена и ќе може да имаме сериозна поддршка во Собранието, за да можеме да го спречиме овој попис кој што сакаат да ни го организираат“, истакна Андоновски.