Утрински Весник
Македонија

(Видео)Спасовски: Заеднички работиме на професионализацијата на полицијата

(Видео)Спасовски: Заеднички работиме на професионализацијата на полицијата

Денеска,во Полицискиот центар за обука „Идризово“, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје Клеменс Која ја промовираа новата компјутерска опрема вредна околу 95 илјади евра, која се состои од лаптоп компјутери и техничка опрема кои ќе помогнат во унапредувањето на онлајн-наставата и учењето наменета за Центарот за обука на МВР.

„Изминативе години Мисијата на ОБСЕ во Република Северна Македонија преку директна, активна партиципација во проекти од полициското и институционалното работење на Министерството се етаблираше како наш исклучително важен и лојален партнер со кој минавме многу етапи од реформскиот развој на македонската полиција. Исклучително ме радува фактот што заеднички реализиравме многу успешни проекти во речиси сите области клучни за квалитетното и ефикасно полициско и безбедносно функционирање, почнувајќи од креирање и стандардизирање на нормативни основи и рамки, преку организационо-оперативното реструктуирање, па сѐ до техничко и образовно модернизирање и сообразување на Министерството, согласно потребите на актуелните општествени, регионални и глобални предизвици и трендови“, потенцираше министерот Спасовски во своето обраќање пред присутните.

Министерот Спасовски истакна дека заедничката цел како зајакнување на институционалниот капацитет и ефикасност на МВР за спроведување на стратешки реформи, зголемување на професионализацијата и подобрување на полициското образование и обука денес добиваат силен аргумент и потврда.

„Денеска Министерството за внатрешни работи, односно осумте сектори за внатрешни работи како и четирите регионални центри за гранични работи добиваат вредна техничка донација за опремување на 12-те регионални едукативни кабинети за онлајн-учење, со што заедно со мисијата на ОБСЕ го заокружуваме тригодишниот процес на формирање компјутеризирани училници во секој од секторите за внатрешни работи, како и во регионалните центри за гранични работи што ќе бидат поврзани со идентична таква училница во Центарот за обука, а сето тоа во рамки на концептот за мешан пристап на учење кој ги обединува обуките во училица и онлајн учењето. Со денешнава донација на нашите пријатели – Мисијата на ОБСЕ во Република Северна Македонија– вредна речиси 95 илјади евра практично ни се овозможува да продолжиме ги јакнеме капацитетите во создавање неопходни рамковни услови и обезбедување техничка опрема за полицискиот децентрализиран систем за обука, преку интегрирањето на Е-учењето во својот систем за обука, приближувајќи се така уште еден чекор поблиску до новите модерни трендови и стандарди на полициското функционирање“, посочи министерот Спасовски.

Тој на крај уште еднаш ја потенцираше важноста на соработката со ОБСЕ во следниот заеднички чекор Стратегија за обука и развој на вработените во МВР 2022-2024 и уште еднаш се заблагодари на мисијата на ОБСЕ за доследната кооперативност.

Шефот на мисијата на ОБСЕ во Скопје Клеменс Која во своето обраќање истакна дека Мисијата на ОБСЕ долго време е еден од најблиските партнери на МВР во градењето на неговите капацитети и дека веќе од 2018 година, со одлука на министрите за надворешни работи, ОБСЕ како партнер се вклучува и во дигитализација на обуката на МВР.

„Пандемијата со Ковид-19 креираше нужна и итна потреба за развој на онлајн-учењето и обуките. Иако онлајн-учењето бара инвестирање во старт, сепак, во иднина ќе креира и заштеда на време и трошоци, а ќе стимулира и нови начини на учење и професионална автономија во работењето“, истакна амбасадорот Која .

Според амбасадорот на ОБСЕ, Стратегијата за обука, развој и градење на капацитетите на МВР 2022-2024, која беше донесена ова лето, го надградува системот на обука и учење и го планира развојот на новиот систем на дигитално и онлајн учење.

„За да осигураме одржливост во потребите за учење и унапредување на полициските капацитети со дигитално учење, нашата поддршка ќе продолжи и во следните години. Со дополнителни средства планираме да отвориме повеќе тренинг соби или да создадеме врвна техничка училница овде во Тренинг центарот во Идризово“, финализираше амбасадорот Која.

Можете да прочитате

ВРЕМЕТО СЕ МЕНУВА: Подгответе се за пороен дожд, грмежи и невреме!

Исчезна 39-годишен струмичанец, семејството бара помош од граѓаните

Најдовски: Разрешувањето на директорката во Демир Хисар е законско