Александар Велјановски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ денеска на собраниската седница за пратенички прашања, обвини дека владини функционери се претвориле во организатори, соработници и соучесници во криминал.
Првото прашање на Велјановски беше дали против владиниот функционер Драги Рашковски ќе биде поднесен обвинителен акт или ќе биде отворена предистражна постапка.
„Она што го слушнавме од медиумите е дека компанијата ЈЕЛАК Градба со седиште во Тетово чии управител е контроверзниот црногорски политичар и бизнисмен Миодраг Давидовиќ Дака, неодамна го откупил целиот имот од објектот на поранешниот ШИК ЈЕЛАК. Но, исто така добил и решение за приватизација на градежно земјиште во државна сопственост“, посочи пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.
Велјановски, зборуваше и за други скандали кои, како што рече, се поврзани со Рашковски, меѓу кои и случајот Леонардо и набавката на софтвер за потребите на МВР.
„Дали ќе побарате одговорност што Драги Рашковски како висок владин функционер за кој што има индиции дека е вмешан во организиран криминал е надвор од државата, далеку од органите на прогон и обвинителството конечно ќе се охрабри да поднесе акт односно истрага против него“, запраша Велјановски од собраниската говорница.