Утрински Весник
Македонија

Велигденско послание на Митрополитот Повардарски Агатангел

Велигденско послание на Митрополитот Повардарски Агатангел

Велес, 18 април 2020 (МИА) – Митрополитот Повардарски Агатангел денеска упати Велигденско послание до православните христијани обраќајќи им се со Возљубени духовни чеда.

– Божјата порака за мир и добрина меѓу човештвото, на ниту еден начин не можела да биде помрачена и затскриена. Бог посакал да победи љубовта во овој свет и Неговиот триумф се покажал во воскресението и прославата на Исуса Христа. Пораката на Воскреснатиот Господ Исус Христос се состои во тоа дека животот е посилен од смртта, дека светлината е посјајна од мракот,порача митрополитот Повардарски Агатангел.

Тој потсети дека како човештво, постојано и без прекин сме соочени со болестите.

-Денес е најбитно да не ја изгубиме верата и довербата во Бога, Кој е лекар на душите и телата човечки. Болеста понекогаш го отвора нашиот поглед за вистината, а скриеното го прави очигледно. Таа е еден од оние знаци на стварноста, кои поттикнуваат на исправање на погрешните и наивни поимања за животот. Болеста го побива нашиот себичен однос кон светот и кон ближниот. Светот не постои само за лично уживање и лакомо искористување на неговите дарови и богатства. Болеста го буди човекот од заспаноста и длабокиот сон и ги руши неговите илузии и лажни претстави за животот. Таа го остри нашиот слух, за да може подобро да го чуеме гласот на Светиот Дух, Кој Единствен е во можност правилно да нè поучи за нас самите и за целокупната стварност. Среќата, понекогаш, знае да биде лажна, но несреќата секогаш е вистинита. Болеста, и секоја друга несреќа, нè открива пред нас самите, какви навистина сме. Мнозина од нас, при тешки и навидум безизлезни ситуации, осознаваме дека внатре, во себе, сме изградиле христијанство без крст, сме креирале приватна религиозност со замислен „Бог“, кому ние му ги диктираме условите и прописите за неговото однесување. Болеста, и секоја друга несреќа и товар, нè поттикнуваат на анализа на личното постоење, и во таа смисла, болничката постела станува учителка на животот. Здравиот човек ја чувствува пријатноста на живеењето. Се потпира на таа угодност, се потпира на животната сила и на личното здравје. Но, клучна точка е кога ќе настапи неволјата и несреќата. Тогаш, наеднаш и неочекувано, од темел се менува сè,потсети Владиката Агатангел.

Драги браќа и сестри Македонци во овие тешки моменти за нас и за целото човештво нека Воскресне Господ во длабочините на нашите души за да ја сетиме силата и убавината на денешниот ден и на денешната прослава. Милостиво нека ни дарува да ја сетиме радоста на Неговите ученици кога за првпат со свои очи Го виделе Воскреснатиот Спасител. Нека се отворат портите на нашите срца со единствениот клуч кој го облагородува животот човечки и преку кој ни се подава спасоносниот мир. Преку овој дар, за кој секодневно жеднееме, нека се смири секој човек, нека бидат прегрнати сите народи плод на љубовта.

Toј обраќајќи со драги браќа и сестри Македонци, им порача од светлоста на Христовото Воскресение да си простиме еден на друг.

– Ви посакувам многу радост и љубов, а Божјиот благослов постојано нека биде со Вас во овие тешки и неизвесни денови. Преку нашите очистени срца да ја согледаме светлината на Божјата љубов. Која го осветлува патот кон вечното спасение. Радоста на Воскреснатиот Христос нека нè сплоти и соедини во единствена спасоносна заедница, која ќе биде утеха и прибежиште за нашите идни генерации. Иднината нека ни биде исполнета со помирување, покајание и преумување. Да го искористиме ова време за прочистување на нашата совест и за освежување на нашето паметење, бидејќи само на тој начин можеме да го чекориме патот на вистинската преобразба која ќе нè приближи на Божјата светост. И покрај тешкотиите, маките и страдањата, со кои деновиве се соочуваме како човечка цивилизација, не смееме да престанеме во нашите срца да ја негуваме надежта и крепоста. Благодарение на нив сите тешкотии и овоземни проблеми ќе ги гледаме од една повисока перспектива.. Ваквото наше духовно усмерување во чекор е пратено и охрабрувано од Воскреснатиот Христос. Бог нека ги чува нашите семејства и со Својата спасоносна прегратка нека ги штити и закрилува македонскиот народ, Македонската православна црква – Охридска архиепископија и нашата љубена татковина.Христос Воскресе Навистина Воскресе!, порача Владиката Повардарски Агатангел.

Воскресението на Христос не е само еден историски настан, туку тоа во себе ја содржи силата која може да го преобрази светот. И само преку верата во Воскресението можеме да ја доживееме оваа сила и светлина, причестувајќи се со Телото и Крвта Христови.

Се молам татковски од длабочините на моето срце, светлината и радоста на Воскресението Христово да го исполнат целиот свет, да се исполниме со вера, надеж и љубов за подобро утре, и што поскоро да нѐ одмине ова страдање, од кое никој не е поштеден. Светлината Христова да ги просветли сите.

Воедно Владиката Повардарски Агатангел ги информира православните христијани, дека поради пандемијата со корона вирусот (КОВИД 19), иако црквите ќе бидат отворени, во нив ќе служат само свештениците.

-Затоа, за да ја почувствувате Воскресенската радост која ги осветлува срцата и душите, Ве повикуваме точно во 24 часот во сабота, кога ќе ги слушнете камбаните, кои ќе го означат Христовото Воскресение, со запалени осветени црковни свеќи и со Велигденски црвени јајца да излезете на Вашите балкони, Вашите дворови или пак, во Вашите дневни простории и громогласно да ја запеете Воскресенската песна „Христос Воскресна од мртвите, со смртта смртта ја победи, и на оние во гробовите, живот им подари“.

Честитајќи ви го празникот преку електронските медиуми Ве поздравувам со најрадосниот христијански поздрав Христос Воскресна. Бог да го благослови Македонскиот народ и нашата света  држава.

Христос Воскресна! Навистина Воскресна порача митрополитот Повардарски Агатангел. ад/аа/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Филипче по Конгресот: Одлична енергија, нова сила и ентузијазам!

ВМРО-ДПМНЕ: Филипче не може да биде новото лице на СДСМ, тој и неговите луѓе се синоним за корупција и криминал

Фани Каранфилова Пановска е нов заменик претседател на СДСМ