Ватикан денеска објави дека свештениците и другите службеници на Католичката црква не може да ги благословуваат истополовите заедници и дека таквите благослови не се легални доколку се спроведат.
Ватикан ја донесе оваа одлука како одговор на прашањата и потезите во некои парохии да се овозможат такви благослови во знак на добредојде на хомосексуалните католици, со оглед на тоа што Црквата не дозволува хомосексуални бракови.
Папата Франциско го одобри овој одговор, соопшти Ватикан, додавајќи дека тој не е наменет да биде форма на неправедна дискриминација, туку потсетување на вистината на литургискиот обред.
Се вели дека таквите благослови не се дозволени иако се мотивирани од искрена желба да ги пречекаат хомосексуалците и да им помогнат да растат со вера.
Во одлуката се наведува дека имајќи предвид дека бракот меѓу мажот и жената е сакрамент, а благословите се поврзани со сакраментот на бракот, тие не може да бидат проширени на истополови парови.
„Од оваа причина не е дозволено да се благословува врска или партнерство, дури и стабилно, што вклучува сексуални активности надвор од бракот (т.е. надвор од нераскинливата заедница на маж и жена), како што е случајот со истополовата заедница“, се наведува во одлуката.