Утрински Весник
Свет

Ватикан очекува вакцини за сите жители и вработени

Ватикан очекува вакцини за сите жители и вработени

Ватикан очекува да добие доволен број вакцини против коронавирус во наредните денови, со цел да ги вакцинира сите свои работници и жители. Околу 450 луѓе живеат во Ватикан, вклучувајќи го и папата Франциско, а уште неколку стотици вработени живеат во Рим.

„ Вакцините најверојатно ќе пристигнат во земјата во втората недела од јануари во доволни количини за да ги задоволат сите потреби на Светиот Престол и државата Ватикан“, се вели во соопштението.

Ватикан објави дека купил замрзнувач кој се лади до екстремно ниски температури со цел да ја складира вакцината, што сугерира дека ќе користи вакцини од компаниите Фајзер и Бионтек, кои се чуваат на минус 70 степени Целзиусови.

Вакцинацијата ќе започне во втората половина на јануари, а приоритет ќе имаат здравствените работници и вработените во јавната безбедност, старите лица и вработените кои се во чест контакт со јавноста, пренесува Ројтерс.

Вакцинацијата ќе биде доброволна. Ватикан не објави дали и кога ќе биде вакциниран папата, кој има 84 години и чиј дел од белите дробови му е отстранет во младоста.

Досега во Ватикан се регистрирани 27 случаи на коронавирус, а никој не починал од последиците на тоа заболување.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Мелони: Новите трошоци за НАТО се прифатливи Италија

Нисан затвора седум фабрики, 20.000 луѓе остануваат без работа

Пилотите на авионите што го бомбардираа Иран летале 37 часа без прекин