Утрински Весник
Спорт

ВАР Систем: со минимум влијание до максимум бенефит

ВАР Систем: со минимум влијание до максимум бенефит

На 8 октомври во 20:45 часот, на Националната арена „Тодор Проески“, Македонската А репрезентација, против Косово, ќе го одигра натпреварот од полуфиналето во Лига на нации за пласман на Европското првенство.

„На еден од најважните натпревари за нашата селекција, на Националната арена, ќе се имплементира ВАР систем, видео технологија за помош при судиските одлуки“ – најавуваат од Фудбалската федерација на Македонија.

Александар Ставрев е единствениот лиценциран ВАР судија кај нас. Но, се поставува прашањето како се одвива еден фудбалски натпревар со ВАР систем? Одговорот го добивме токму од судијата Ставрев.

„Насоките за судиите се следни, вие судите како да нема ВАР судии до моментот на носење на одлуката, кога ќе донесете одлука, во одредени ситуации, мора да се присетите дека треба да почекате некоја секунда, да добиете потврда од ВАР-от дека таа акција претходно, тој пенал, тој офсајд, е исправна одлука, бидејќи ако се продолжи играта, ВАР-от не може да ја промени одлуката“ вели Александар Ставрев.

Тој смета дека колку и да е очигледна грешката, и да се направи на терен, многу му е полесно на судијата ако некој ја коригира неговата одлука во исправна и ниту една екипа да не биде оштетена. Судијата, секако, за тоа добива намалување на оценката, како што би добил и при обична одлука, кога не би имал ВАР судии.

На него се надоврзува и женскиот пандан од главната листа на судии при ФФМ, Ивана Пројковска, која смета дека ВАР системот е од помош во круцијални ситуации, каде што реално, човековото око во тој дел од секунда не можело да види, или, и покрај одличната поставеност на судијата и помошните судии, ситуацијата се случила во мртов агол каде што никој не би можел да види. Сепак, на крајот, и судиите се живи луѓе и можат да погрешат па затоа техниката може да помогне во тие ситуации.

Видео помошните судии – (ВАР), го поддржуваат процесот на донесување одлуки на судиите. Тие се користат само во четири ситуации кои ја менуваат играта и обезбедуваат минимално мешање со максимална корист.

„Вар судиите интервенираат во натпреварот само во четири ситуации, тоа се прекршоци во шестнаесетникот, досудени или недосудени пенали, за црвени картони, не втори жолти туку за црвени картони, за погрешен идентитет на играч, доделен жолт или црвен картон на погрешен играч и при голови, офсајд, не офсајд ситуации. И во ситуации кога во некој од овие случаи судијата ќе направи јасна и очигледна грешка, кога видео снимките и одредени кадри со технологијата што ја има ВАР судијата може да докаже дека таа грешка на судијата е очигледна“ – појаснува Ставрев.

Во светот, денеска, над 80 првенства и купови ја користат ВАР технологијата. Македонија е една од земјите каде што не се користи ВАР технологијата.

Во таа насока, Ставрев ни посочи на анализите што ги прави УЕФА, во своите натпреварувања и во домашните првенства, како и статистичките показатели кои говорат дека имаме многу малку интервенции во текот на натпреварите, дека времето на реакција е многу скратено и сѐ оди кон подобро и кон подобро.

„Судиите се веќе добро едуцирани и испраксирани. Целиот тој процес на прегледување на снимка пред овие четири крупни одлуки на судиите во текот на натпреварите трае многу кратко, дури незабележително, сѐ повеќе и повеќе се усовршува системот“ – заклучува тој.

Од ФФМ појаснуваат дека за да се користи т.н. ВАР систем на одреден стадион потребно е да се направи тест за одобрување дека видео технологијата може да се користи. Одобрувањето за користење на ВАР систем го потврдува ФИФА, а сето тоа е поврзано со Правилата на фудбалската игра.

Ставрев и Пројковска се согласни дека за имплементација на системот кај нас е потребно доста време, ресурси и средства.

Од Фудбалската федерација, во врска со натпреварот помеѓу Македонија и Косово и употребата на ВАР системот соопштуваат:

„На Националната арена „Тодор Проески“ ќе се изврши тестирање за користење на ВАР технологијата на ден пред натпреварот со Косово по претходен состанок на кои ќе присуствуваат претставници на Фудбалската федерација на Македонија, одговорните за ВАР системот за натпреварот Македонија – Косово и претставник на компанијата „HAWKEYE“ која што УЕФА ја има избрано за официјална компанија за имплементација на ВАР систем на натпреварувања организирани од УЕФА. На самиот ден на натпреварот ќе се направи тест за синхронизирање (опрема на стадион со ВАР возило), а последното тестирање ќе се изврши на два часа пред почетокот на натпреварот. Доколку има одредени технички проблеми со имплементацијата на ВАР системот за време на натпреварот, во тој случај видео асистенцијата за помош при судиските одлуки нема да се користи“ – заклучуваат во соопштението од ФФМ.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Македонските фудбалерки до 19 години ќе играат квалификациски турнир во Португалија

Верстапен: Во Мекларен ќе станев шампион многу порано

Младост 96 есенски шампион во пингпонгарската Суперлига