Вицепремимерот задолжен за европски прашања, Никола Димитров, утрово учествуваше на состанокот со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, на кој со колегите од регионот разменија информации за состојбата и подготвеноста за набавка на вакцините против Ковид-19, како и за плановите за реализација на вакцинација на приоритетните групи.
Еврокомесарот Вархеји информираше дека Европската комисија прави напори вакцините против Ковид-19 да пристигнат во земјите од Западниот Балкан паралелно со нивната дистрибуција во земјите членки на ЕУ. Тој укажа дека за специфичните потреби на секоја од земјите во регионот, ќе биде обезбедена и соодветна финансиска поддршка од страна на Унијата.
„Во период кога набавувањето на вакцината претставува врвен приоритет, ваквата иницијатива на Европската Унија е од исклучителна важност. Фактот што овие вакцини ќе бидат првите кои Северна Македонија ќе ги има на располагање е јасен сигнал дека Западниот Балкан е неизоставен дел од политиките на солидарност на Унијата, во моментите кога тоа е најпотребно“, истакна Димитров.
Тој кажа дека активно се работи на Планот за вакцинација базиран на препораките на ЕУ кој што врз основа на повеќе критериуми ќе ги дефинира приоритетните групи.
„Се финализира анализата на приоритетните групи и се проценува бројот на пациенти кои ќе бидат првично вакцинирани. Овој план ќе биде споделен и со еврокомесарот Вархеји во наредните денови“, рече Димитров.
Вархеји на „Твитер“ објави дека се работи на тоа да се осигура дека вакцините против Ковид-19 ќе бидат достапни за Западен Балкан на време, кога ќе започне дистрибуцијата во ЕУ.
Good coordination call with #WesternBalkans foreign&Europe ministers on latest in #COVID19 crisis. We are working to ensure that #COVID19 vaccines will be made available to the #WesternBalkans in a timely way, as they start to be deployed in the #EU. 1/2 pic.twitter.com/jpoVxLk3WE
— Oliver Varhelyi (@OliverVarhelyi) December 18, 2020
Тој вели дека за таа цел се издвојуваат средства и се координираат активностите.
„Во пандемијата ние стоиме покрај Западен Балкан, чија иднина е во ЕУ“, рече Вархеји.
Тој додава дека ЕУ ќе им помогне на своите соседи, но и пошироко, заедно да ја победат пандемијата.