Скопје, 29 февруари 2020 (МИА) – Европскиот ракометен шампион Вардар доживеа пораз на домашен терен од Монпелје со 27-31 (13-14) во последното коло од групата „Б“ од Лигата на шампионите.
Вардар го отвори одлично мечот и поведе со 5-1, но по серијата голови и грешки на домашниот тим, Французите фатија ритам и на полувремето заминаа со плус 1 позитива. На почетокот на вториот дел Монпеље поведе со +3 (13-16) а во 50-тата минута разликата веќе беше опиплива (23-28) за францускиот тим.
Нашиот тим не се предаде и намаливме на 26-27 на четири минути до крајот, но вардарци немаа сили да направат целосен пресврт.
Стоилов со 7 гола и Горбок со шест погодоци беа најефикасни во редовите на Вардар.
За македонскиот тим ова е осми пораз сезонава во најсилното европско клупско натпреварување, по што тимот на Стевче Алушоски заврши на шестото место на табелата со 11 бода.
По победата на Порто против Мешков Брест, „црвено-црните“ во осминафиналето ќе играат со третиот од групата „А“, што најверојатно ќе биде Пик Сегед.