Утрински Весник
Македонија

Вандали оштетија инструменти за рано предупредување од поплави во Вардар кај тетовско Сараќино

Вандали оштетија инструменти за рано предупредување од поплави во Вардар кај тетовско Сараќино

Штета во висина од 5.000 до 10.000 евра е направена врз инструментите за рано предупредување од поплави на хидролошката станица „Саракинци“ поставена во реката Вардар кај тетовското село Сараќино.

„Минатата недела наша екипа ја посети станицата во Сараќино со цел да утврди зошто нема податоци на нашата веб страна, при што беа забележани оштетувања на инструментот. Денес наша екипа повторно беше на терен и го пријави оштетувањето во полиција, по што се трага по сторителите“, велат од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

Оваа хидролошка станица е донација од УНДП и е поставена како дел од проектот за рана најава и предупредување од поплави во горниот дел од сливот на реката Вардар. Од УХМР велат дека хидролошката станица „Саракинци“ е оштетена од вандали и со тоа е спречено нејзиното нормално функционирање. Според Васко Стојов од УХМР, штетата е намерно направена, затоа што местото на кое бил поставен инструментот не сметало на никого. УХМР сега треба да набави нов инструмент, којшто самиот е многу скап.

Екипи на УХМР на терен за да ја констатираат штетата; Извор на фотографија: УХМР

Инаку, од УХМР информираат дека хидролошките станици често се мета на напади или се уништувани. Во рамките на проектот на УНДП, поставени се хидролошки станици и во Балин Дол, Јегуновце, Радиовце, Тетово, Теарце, Лакавица, Неготино, Боговиње и Орќуше. Овие инструменти се поставени токму во Полошкиот регион, каде опасноста од поплавувања е најголема, а во изминативе години имаше и неколку вакви природни катастрофи што предизвикаа сериозни штети.

„Буџетот на секторот за хидрологија за одржување на станиците е лимитиран и не сме во можност ваквите оштетувања самостојно да ги надоместиме“, објаснуваат од УХМР на нивната страница на Фејсбук.

Вандалскиот чин бил пријавен и во СВР Тетово, кои пак информираат дека полициски службеници биле во селото Сараќино, ја фото-документирале штетата и во моментов трагаат по сторителите на делото.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Една година од убиството на малата Вања Ѓорчевска

Мицкоски: Ни треба деполитизирана администрација, каде клучни ќе бидат стручноста и посветеноста

Објавени лауреатите на државната награда „Св. Климент Охридски“ за 2024 година