Случаи на Ковид-19 „експлодирале“ во март во пензионерски дом во САД каде што голем дел од корисниците биле вакцинирани, откако невакциниран член на персоналот внел нова варијанта, покажува студија на американскиот Центар за контрола на болести, објавена во средата.
Вирусот се проширил во таа институција во Кентаки при што се заразиле 44 лица, односно 24 згрижени и 20 негуватели.
Од заразените корисници, 18 биле вакцинирани со две дози на вакцината од „Фајзер“, а четворица негуватели исто така примиле по дози, според студијата на главната американската здравствена агенција.
Ова покажува дека постојат ограничувања кога станува збор за вакцинацијата како единствена стратегија за борба против Ковид-19, особено против неговите нови варијанти, пишува агенцијата „Франс Прес“.
Иако е клучна, вакцинацијата мора да биде придружена со континуирана внимателност за нејзино спречување и контрола, потенцираат авторите на студијата, повторувајќи ја важноста на миењето на рацете, следењето на случаите, изолацијата на заразените и нивните контакти.
Меѓутоа, тие нагласуваат дека кај вакцинираните инфицирани лица, само една третина имале симптоми, наспроти 83 проценти кај невакцинираните.
Само еден од 18 вакцинирани резиденти на домот починал, додека меѓу заразените невакцинирани, кои биле вкупно 6, двајца починале.
„Со цел да се заштитат корисниците на старските домови, клучно е негувателите, како и згрижените, да бидат вакцинирани“, заклучуваат авторите на студијата.