Утрински Весник
Македонија

Буџаку: Максимално се ангажираме што подобро да ја менаџираме ситуацијата

Скопје, 15 март 2020 (МИА) – Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Агрон Буџаку попладнево, додека трае седницата на Главниот штаб на ЦУК, рече дека максимално се ангажираат што подобро да ја менаџираат ситуацијата со коронавирусот во кризните подрачја и во целата држава.

– Бидејќи е прогласена кризна состојба на територијата на градот Дебар и општината Центар Жупа ние се состануваме перманентно, откако Владата ја прогласи кризната состојба за овие две подрачја каде има поголем број на заразени лица од коронавирусот, веднаш се состановме и направивме акциски план, рече Буџаку за МИА.

Тој вели дека на седницата има претставници од сите институции кои се компетентни, ја знаат работата и предлагаат конкретни мерки според одредени стандардни оперативни процедури кои ги има во Центарот, како да се постапи и во овој случај. Информира дека се дополнува и акцискиот план кој се однесува конкретно на едно подрачје и какви мерки треба да се преземат.

– Сите тие мерки можам да кажам дека досега успешно се спроведени, продолжуваме да ја следиме ситуацијата, секојдневно се состануваме, предлагаме мерки кои потоа Управувачкиот комитет и Владата ги задолжуваат одредени субјекти да постапат, рече Буџаку додавајќи оти нема место за паника.

Буџаку упати пофалби за граѓаните на Дебар, кои, како што рече, за разлика од некои граѓани од т.н. високоразвиени држави покажаа умереност и цивилизираност.

– Сега во Дебар сите продавници се полни со намирници, и во аптеките нема кризи, наведе Буџаку, посочувајќи оти е предвидено за секоја потреба камионите да одат до влезот на градот и со т.н. штафетно предавање на намирници, лекови и друго да се продолжи со снабдување.

Тој нагласи дека засега нема недостаток во Дебар и оти таму се се одвива нормално. Им честита на граѓаните и на локалните институции кои, како што рече, успешно ја менаџираат ситуацијата.

– Ќе продолжиме така, а сега имаме и ново тело – Главен штаб на Владата кое ќе заседава утре, а каде јас сум член… Ние сме во овој случај надлежни да постапиме во местата каде има кризна состојба, додека во целата држава сега има владино тело и сите информации за активностите ќе бидат централизирани, односно ќе одат од еден извор, додаде Буџаку. мс/са/

 

 

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Бишев: Јавниот долг до крајот на годината би изнесувал околу 68,5%

Нов земјотрес вечерва повторно ја стресе Македонија

Перински: ЈП „Улици и патишта“ нема пари за плата, а не пак да чисти снег