Во Хрватска ќе се снима филм според расказот на македонската писателка Румена Бужаровска, „Осми март“ од нејзината најнова збирка раскази „Не одам никаде“. Бужаровска сценариото го пишува со поддршка од Хрватскиот аудивузуелен центар (ХАВЦ).
Расказот „Осми март“ е трагикомична приказна за средовечна професорка која ќе се најде во необична ситуација во екот на студентските протести во Скопје во 2014 година, поради што ќе добие неочекувано признание што ќе ѝ го смени животот.
„Во нашата кинематографија многу ретко се тематизираат средовечните жени, нивните животи и судбини. Сметаме дека оваа приказна, која навидум е многу едноставна, има висок емотивен полнеж, и дека е приказна за една обична, но всушност трагична женска судбина може да е новост во нашата кинематографија“, истакнуваат од ХАВЦ.
Филмот ќе се снима во продукција на „Телефилм“, а ќе го режира хрватскиот режисер Бранко Шмит.