Вкупно 34 бугарски историчари, професори и научници кои работат и живеат во Бугарија или во странски земји, упатија јавно писмо со кое го осудуваат Меморандумот што официјална Софија го упати до членките на ЕУ, поставувајќи црвени линии и сериозни историски претензии за приклучувањето на Северна Македонија на ЕУ.
Во писмото што го објави mediapool.bg, потписниците, меѓу кои се и историчарот Стефан Дечев, проофесор на Југозападниот универзитет во Благоевград, потоа Димитар Бечев, политолог од Институтот за науки за човекот од Виена, Чавдар Маринов, историчар од Институтот за философија и социологија при Бугарската академија на науките (БАН), Марија Тодорова, историчар, професорка на Универзитетот Илиноис – Урбана Шампејн од САД, и низа нивни колеги, бараат „принципиелна промена на парадигмата во историското мислење“ и велат оти не се согласуваат „Северна Македонија да се претставува само како земја што не се ‘справува со сопственото минато’“. Според нив и Софија демонстрира застарени сфаќања и изнесува неодбранливи и наивни тврдења за Северна Македонија.
Потписниците на писмото порачуваат дека меморандумот не го одразува напредокот што го постигнале редица бугарски историчари во последните децении.
„Не сфаќаме и како Европа може да ги разбере тезите на некои институционално влијателни бугарски научници што не го говорат јазикот на современата историографија, ниту на современите општествени и социјални науки. Заедно со тоа, меморандумот не ги одразува ‘принципите и вредностите на кои е изградена Европската Унија’ и во чија поткрепа наводно застанува меморандумот“, порачуваат, меѓу другото, истакнатите потписници на писмото, кое подолу го пренесуваме во целост.
Противниците на острите ставови на официјална Софија изнесени во Меморандумот што „протече“ во македонските медиуми, велат оти не се согласни само Северна Македонија да се претставува како земја што не се „справува со сопственото минато“, пренесува mediapool.bg.
„Не сметаме дека единствениот историографски проблем е ‘идеолошкото наследство’ на ‘комунистичка Југославија’. Проблем е и владеењето на едно романтично и митолошко историографско мислење во самата Бугарија, што веќе го изживеало своето“, порачуваат потписниците.
Подолу може да го прочитате преводот на обраќањето на бугарските професори и историчари, коешто оригинално беше објавено на mediapool.bg.
ОБРАЌАЊЕ
на
бугарски историчари и научниции од полето на хуманитарните и социјалните науки
во врска со Појаснувачкиот меморандум за
односите на Република Бугарија со Република Северна Македонија во контекстот на проширувањето на ЕУ
Неодамна копретседавачот на Мешовитата бугарско-македонска мултидисциплинарна експертска комисија за историските и образовните прашања Ангел Димитров изјави дека бугарскиот појаснувачки Меморандум за односите на Бугарија со Република Северна Македонија, испратен до сите земји-членки на Европската Унија, ги одразува постигањата на ‘бугарската историска наука‘. Освен тоа, пред само неколку дена членот на споменатата комисија Иван Илчев се пожали во бугарските медиумите дека „Европа не нè разбира“.
Ние, меѓутоа, сме длабоко убедени дека Меморандумот не го одразува постигнатото од редица бугарски историчари во последните децении. Не гледаме и како Европа би можела да ги разбере тезите на некои институционално влијателни бугарски научници што не го говорат јазикот на современата историографија, ниту на современите хуманитарни и социјални науки. Заедно со тоа, бугарскиот Меморандум не ги одразува ‘принципите и вредностите на кои е изградена Европската Унија’ и во чија поткрепа наводно застанува.
Ете зашто сакаме, со стекнатата низ текот на годините општа научна експертиза и конкретни познавања било за минатото на Македонија, бугарско-македонските односи, природата на историските раскази, создавањето на нациите и националните идеологии, итн, да порачаме:
Не сме согласни само Република Северна Македонија да се претставува како земја којашто не се ‘справува со сопственото минато’.
Не сметаме дека единствениот историографски проблем е ‘идеолошкото наследство’ на ‘комунистичка Југославија’. Проблем е и владеењето на едно романтично и митолошко историографско мислење во самата Бугарија.
Не сметаме дека процесот на формирање на македонската нација, со сите негови специфики, се разликува суштински од начинот на којшто се формирани и другите нации, ниту пак сметаме дека тој може да се сведе до формулацијата на Меморандумот за „етнички и јазичен инженеринг“.
Се спротивставуваме на вулгарното претставување на македонската нација како плод на ‘југословенската пропаганда’. Наивно звучат и поимите како „објективни критериуми, сврзани со идентитетот на лицето“: идентитетот не е „природна“ карактеристика што се предава генетски, туку е социјално конструирана категорија.
Сугестиите во Меморандумот за идентитет на „преовладувачкото мнозинство“ од словенското население на Македонија на историски план се наивни и не соодветствуваат на постигањата на современата историографија, социјалните и хуманитарните науки. Тие се потчинети на едно застарено сфаќање за „национална историја“, коешто изгледа неадекватно во фонот на критичката историска наука денес.
Потполно разбираме дека сите стандардизирани јазици се во некоја смисла вештачки, со оглед на тоа дека книжевната норма секогаш се вмешува во говорните дијалекти и одредува кои елементи од нив се „правилни“ а кои „неправилни“.
За нас тврдењата за роденден на нација и на јазик се научно неодбранливи и се во расчекор со постигањата на историската наука, како и на социјалните и хуманитарните науки како цело.
Макар што го прифаќаме поимот „заедничка историја“, ние се спротивставуваме на неговите елементарни интерпретации, како и на неговото користење за наметнување на единствена интерпретацијата – во случајот, официјализираната во Бугарија интерпретација на минатото.
Исто така сметаме дека претензијата за заедничка историја до 1944 година, еднострано толкувана како бугарска, е неубедлива. Воедно, веруваме дека концепции како „споделена историја“ и „преплетена историја“ би можеле да ги дозбогататат нашите сфаќања за минатото.
Особена грда е посочената во Меморандумот бројка жртви на југословенскиот комунистички режим во Македонија. Таа ги надминува сите разумни параметри и ги компромитира понекогаш основаните настојувања од бугарска страна за придржување до фактите и документите при интерпретациите.
Сметаме оти е неопходна принципиелна промена на парадигмата во историското мислење, за којашто е крајно време да бидат отворени и бугарските медиуми.
Стефан Дечев, историчар, Југозападен универзитет, почесен професор на Софискиот универзитет.
Чавдар Маринов, историчар, Институт за философија и социологија при БАН
Александар Везенков, историчар
Марија Тодорова, историчар, Универзитет Илиноис Урбана-Шампејн, САД
Димитар Бечев, политолог, Институт за науки за човекот, Виена
Румен Даскалов, историчар, Нов бугарски универзитет
Светлана Иванова, историчар, Софиски универзитет
Николај Аретов, литературен историчар
Елица Станоева, историчар, Европски универзитет, Фиренца
Кирил Дрезов, политолог, универзитет Кијл, Велика Британија
Јулија Златкова, историчар, Институт за балканистика, БАН
Красимира Даскалова, историчар, Софиски универзитет
Теодора Драгостинова, историчар, Државен универзитет на Охајо, САД
Олга Арнаудова, лингвист, Универзитет на Отава, Канада
Кета Мирчева, историчар со слободна практика
Александар Ќосев, историчар на културата, Софиски универзитет
Албена Хранова, историчар на културата, Пловдивски универзитет
Десислава Лилова, историчар на културата, Софиски универзитет
Миладина Монова, социјален антрополог, Институт за философија и социологија при БАН
Ивајло Дичев, културен антрополог, Софиски универзитет
Красен Станчев, економист и философ, Софиски универзитет, Институт за пазарна економија
Василка Танкова, историчар
Николај Маринов, политолог, Хјустонски универзитет, САД
Илијана Крапова, лингвист, Венецијалнски универзитет, Италија
Дејан Ќуранов, политолог, Центар за либерални стратегии
Ружа Смилова, политолог, Софиски универзитетит
Михаил Иванов, советник на претседателот Жељу Желев за национални прашања
Надја Данова, историчар, Институт за балканистика
Дијана Мишкова, историчар, Центар за академски проучувања
Мариета Цанова, историчар, Државна агенција „Архиви“
Ана Крстева, политолог, Нов бугарски универзитет
Врбан Тодоров, историчар, Државна агенција „Архиви“
Румен Аврамов, економист и историчар, Центар за академски проучувања Евгенија Иванова, етнолог, Нов бугарски универзитет
Мирела Иванова, историчар, Оксфордски универзитет, Велика Британија