Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, е оженет со Бугарка, напиша бугарската новинска агенција, БГНЕС.
„Стевица Јанева, која е сестра на сопругата на Христијан Мицкоски, Рози, има бугарско државјанство. Ова е јасно од избирачките списоци за претстојните парламентарни избори во Бугарија закажани за 4 април“, пишува агенцијата.
Во објавата на БГНЕС се наведува дека Стевица, кој работи како нотар во градот Струмица, има бугарски пасош, што може да го добие само врз основа на докажано бугарско потекло и самоопределување.
Нејзиниот сопруг Јорданчо Јанев, додава агенцијата, е сопственик на најголемиот ресторан во центарот на Струмица. Тој е исто така бугарски државјанин и се појавува на избирачките списоци во Благоевград.
„Ако Стевица Јанева има бугарско државјанство врз основа на докажано потекло, бидејќи такво се дава само ако вашите предци се Бугари, тогаш излегува дека и Рози Мицкоска е Бугарка“, заклучува агенцијата.
Според бугарскиот медиум, актуелниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, е познат по својата остра антибугарска реторика.
„Тој дури си дозволил неодамна да каже дека ако некој рече дека Гоце Делчев е Бугарин, тој ќе направи дипломатски скандал ширум светот. Сега, сепак, не е познато каков скандал ќе предизвика веста дека тој е оженет со Бугарка“, додава агенцијата.
По објавата на БГНЕС, Мицкоски се огласи на социјалните мрежи.
„И јас, и мојата сопруга имаме единствено македонски пасош. И ќе продолжам да се борам за македонските национални интереси. Колку повеќе лажат, толку повеќе ќе удираме по мафијата. Нема да му помогнат ниту “браќата и пријателите” на Заев кои гледаат дека Владата е сериозно разнишана“, напиша Мицкоски.