Делегација на бугарската влада положи цвеќе на гробот на Гоце Делчев по повод 150-годишнината од неговото раѓање.
Бугарската делегација ја предводеше министерката за надворешни работи, Теодора Генчовска, придружувана од заменик-министерката за надворешни работи – Велислава Петрова, заменик-министерот за култура – Јуриј Велковски и амбасадорот на Република Бугарија во нашата земја – Ангел Ангелов.
Венец свежо цвеќе на гробот на Гоце Делчев положи и Илхан Ќучук, европратеник и известувач за Северна Македонија во Европскиот парламент.
„Владата на Северна Македонија го поздрави учеството на делегациите на Бугарија во одбележувањето на 150-годишниот јубилеј од раѓањето на Гоце Делчев, најзначајниот лик од историјата на нашата земја, во знак на поддршка на дијалогот и напорите на двете земји за интензивирање и продлабочување на вкупната соработка и зацврстување на довербата“, информираа од владината прес-служба.
Претходно денеска, министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, и заменик-министерката за надворешни работи, Фатмире Исаки, во име на Владата положија венец свежо цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје.