Бугарските органи позитивно одговорија на барањето за екстрадиција на поранешниот специјалец Игор Спасов кој е осуден за убиството на Мартин Нешкоски.
„По барањето на Министерството за правда до бугарските органи за екстрадиција на лицето Игор Спасов назад во Северна Македонија, на 26.02.2021 Градскиот суд во Софија, донесе одлука да дозволи негова итна екстрадиција назад во земјата“, соопшти Министерството.
Барањето за екстрадиција беше испратено на 10 февруари.
Бугарската полиција на 1 февруари го приведе Спасов во Софија откако по него беше распишана меѓународна потерница пред повеќе од една година.
Тој е осуден на казна затвор 14 години за убиството на Мартин Нешковски, а кое се случи вечерта по прославата на ВМРО-ДПМНЕ по победата на парламентарните избори во 2011 година.
Казната затвор ја издржува од 2011 година, а му беше ставена во прекин во 2018 година поради здравствени проблеми. Потоа, тој избега. Спасов требаше да се јави во затворот „Идризово“ на 18 октомври 2019 година. Спасов се бараше на територија на државата, но откако истражните органи не го пронајдоа и немаа никаква дојава за него, на крајот на октомври 2019 година МВР распиша меѓународна потерница по него.
По неговото бегство, кружеа шпекулации дека тој е во Турција, но и дека во акцијата се вмешани полициски службеници. Јавното обвинителство во Штип во 2019 отвори и истрага за да утврди кој сè е вмешан, но и како Спасов успеал да ја напушти државата.