Скопје, 11 април 2020 (МИА) – Со новозаболените 48 лица од коронавирус, вкупниот број на дијагностицирани пациенти со Ковид-19 во земјава достигна 711. Досега направени се вкупно 7.067 тестирања за овој вирус.
Од Клиниката за инфективни болести во Скопје по два контролни негативни теста испишани се тројца пациенти кои се во добра здравствена состојба, а пак примени се двајца нови пациенти. На оваа Клиника се хоспитализирани вкупно 66 пациенти, од кои осум се на механичка вентилација со тешка форма на болеста.
Во ГОБ „8 Септември“ хоспитализирани се 21 пациент,од кои шест се на респираторна машина, со тешка форма на манифестација на болеста. Во болницата во Битола се хоспитализирани четири лица кои се со лесна форма на болеста. Во болницата во Штип примени се уште четири пациенти или вкупно осум и сите имаат лесна форма на болеста.
Четиримесечното бебе позитивно на вирусот кое се наоѓа на Инфективната клиника во Скопје е стабилно. За неговата состојба секојдневно се консултира и педијатар.
Во однос на починатиот притвореник позитивен на Ковид 19 од истражниот затвор во Шутка, министерот за здравство Венко Филипче вчера на прес-конференција рече дека интензивно се работи со луѓето од затворот. Напрвени се и прегледи од лекарски тимови кои продолжуваат денеска и утре. Досега се земени голем број на тестови, а ќе се анализираат сите луѓе кои се наоѓаат таму, вклучително и персоналот на затворот.
Филипче информира дека во Агенцијата за храна и ветеринарство една вработена повеќе од една недела не била на работа. Од втори април била дома поради ротацијата на тимовите во институцијата. Седум колеги кои биле во контакт со заболената се во домашна изолација. Во објектот на институцијата се работи на детална дезинфекција и чистење.
За викендот што ќе биде затворен за движење на населението, на територија на цела држава, се до понеделник до пет часот, министерот Филипче апелираше граѓаните да се придржуваат на мерките.
-Јас верувам дека сите граѓани ја разбираат потребата од ваквите мерки и знам дека е тешко да се седи дома по вакво убаво време, но токму во овие услови мора да се покаже максимална одговорност и секој од нас да се придржува кон она што е пропишано, истакна Филипче. Нагласи дека оваа состојба нема да трае долго, до колку се придржуваме до мерките.
Потенцира дека е многу битно што има линеарен пораст на бројот на пациенти, што значи дека успешно се амортизира ударот, во смисла на бројот на пациенти кои се примаат во клиниките.
Министерот Филипче информираше дека од почетокот на следната недела ќе почнат подготовките за денот кога, како што рече, нашите животи постепено ќе ги вратиме во нормален колосек, кога ќе продолжи работниот процес во секоја компанија, рестораните, угостителските објекти, продавниците…мд/ац/