Министерството за здравство, во соработка со УНФПА и ХЕРА, изготви препораки и брошура на македонски и на албански јазик за здравствена заштита на бремените жени, позната како антенатална или интерпартална грижа, во услови на Ковид-19.
Брошурата е наменета за трудници и содржи совети за одржување на нивното здравје, превенција од вирусот, објаснување на симптомите, препораки како да се постапи доколку трудницата се зарази со Ковид-19, дали постои поголем ризик од зараза во споредба со другите, дали вирусот може да се пренесе на нивното бебе и други корисни информации.
Според брошурата, бремените жени не се во поголем ризик да се заразат од Ковид-19, а тие кои се инфицирани, е многу поверојатно да имаат благи симптоми, воопшто да ги немаат или целосно да оздрават по одреден временски период.
Се советува бремените жени многу почесто да ги практикуваат мерките на физичко дистанцирање, за разлика од останатите луѓе, со цел да го намалат ризикот од инфекција. „Доколку бременоста е во поодмината фаза, а нема инфекција со Ковид-19, продолжете со редовна физичка активност, разговарајте за сите прашања и грижи во врска со вирусот со вашиот гинеколог. Следете ги препораките на Владата и на Министерството за здравство, одржувајте високо ниво на лична хигиена и хигиена во домот, користете ги дигиталните алатки и социјалните мрежи за постојана комуникација со вашата семејството и пријателите“, стои во брошурата.
Доколку се појават симптоми на Ковид-19 и ако со тест се потврди инфекцијата, се препорачува да се остане дома и да се повика матичниот лекар за совет како да се продолжи со прегледите во текот на бременоста.
„Мијте ги почесто рацете со сапун и со вода, а ако во одреден момент немате пристап до нив, користете антибактериски гел за дезинфекција на рацете и тоа пред секој оброк и по користење на тоалетот, по дување на нос, кашлање или кивање, по движење на јавни места/простории, било какво допирање на предмети на јавни места, избегнувајте гужви, посебно во слабо проветрени простории, набавувајте храна и хигиенски препрати во време кога има помалку гужва во маркетите или он-лајн, задолжително носете маска за лице при контакт со други луѓе или во затворен простор, избегнувајте јавен превоз…“, се препорачува во брошурата.