Утрински Весник
Свет

Брнабиќ: Можно е враќање на наставата во училиштата од 19 април

Брнабиќ: Можно е враќање на наставата во училиштата од 19 април

Доколку продолжи стабилизацијата на епидемиолошката состојба со Ковид-19, наставата ќе се врати во училиштата на 19 април, потврди денеска премиерката на Србија, Ана Брнабиќ за време на нејзината посета на Првата белградска гимназија.

„Ќе работиме во смени, со задолжително носење маска и така ќе биде сè додека не победиме со вакцинацијата и не се вратиме во нормален живот“, рече Брнабиќ.

„Ќе разговараме подоцна оваа недела, ако стабилизацијата продолжи, бидејќи има индикации дека ќе се случи, ќе ги вратиме часовите во училиштата на 19 април“, додаде таа.

Брнабиќ објасни дека наставата ќе се изведува на ист начин, како што беше случај од 1 септември, во смени, со помалку ученици на часовите, со обврска да носат маски.

„Така ќе биде сè додека состојбата не биде под целосна контрола и додека не ја победиме ситуацијата со вакцинација, за да можеме да се вратиме во нормален живот“, рече Брнабиќ.

Инаку како дел од олеснувањето на мерките против пандемијата со Ковид-19, трговските центри во Србија од денеска можат повторно да работат од 6 до 22 часот, освен угостителските објекти во нив, на кои им е дозволена само шалтерска продажба на храна и пијалоци.

Во наредбата на министерот за здравство Златибор Лончар, објавена во „Службен весник“, се вели дека на влезот во трговските центри ќе мора да биде истакната корисната површина на целиот објект, како и бројот на луѓе кои можат да бидат во него, со обврска посетителите да носат заштитни маски.

Угостителите кои се занимаваат со шалтерска продажба во трговски центри ќе мора да внимаваат пред пултот да не се собираат голем број луѓе и меѓу нив да има растојание од најмалку два метра.

Кога станува збор за други услужни активности, мерките остануваат исти, што значи дека сите видови продажни и услужни објекти можат да работат до 22 часот, што вклучува и тераси на рестораните и кафулиња, но без музика во живо.

Епидемиологот и член на кризниот штаб, Предраг Кон, изјави дека заштитни маски треба да се носат и во терасите на кафулињата, сè додека не се консумира пијалокот.

Инаку, аптеките, бензинските пумпи, доставата на храна и ординациите и лабораториите од областа на медицината, стоматологијата и ветеринарната ќе можат да работат неограничено.

Можете да прочитате

Пронајден мртов рускиот министер за транспорт кој утринава бил разрешен

Потврдена смртта на 27 девојчиња и воспитувачи во кампот „Мистик“ по поплавите во Тексас

Израел ги нападна Хутите во Јемен