Утрински Весник
Свет

Британците сè повеќе планираат патувања во есен, откажувајќи се од летните одмори

Британците сè повеќе планираат патувања во есен, откажувајќи се од летните одмори
Cevahir mall aerodrom pulsira vol 4 vfinal 300x300px baner

Британците сè повеќе се откажуваат од летните одмори и резервираат есенски датуми поради несигурноста околу меѓународните патувања, објавија тур-операторите.

Од компанијата „Томас Кук“ велат дека есенските резервации се 50 отсто повисоки од вообичаеното, а луксузниот тур-оператор „Куони“ рече дека клиентите чекаат за средината на октомври“, објави „Би-би-си“.

Меѓу најпопуларните дестинации се Грција и Карибите, објавија операторите.

Некои стравуваат дека цените ќе растат поради малиот број на земји отворени за туристи.

Британската влада планира да дозволи меѓународно патување од 17 мај, со мапа што ќе ги распореди земјите според црвена, жолта и зелена боја, во зависност од стапката на инфекција, вакцинацијата на населението и преваленцата на загрижувачки варијанти на вирусот.

Само околу тој датум Британците ќе дознаат во кои земји ќе можат да патуваат, забележува „Би-би-си“.

„Луѓето кои сакаат да патуваат се нервозни бидејќи ништо не е сигурно. Потребна ни е потврда од овие владини ‘семафори’за да воспоставиме доверба”, соопшти Здружението на независните тур-оператори.

Неизвесноста поттикна скок во резервациите за есенските празници, така што празниците во септември и октомври сочинуваат дури 30 проценти од вкупните годишни резервации на „Томас Кук“. Тоа е 50 проценти повеќе отколку што вообичаено ги бележи групата во тие месеци.

Многумина веќе резервираа годишни одмори на домашните дестинации во јули и август, а по летото бараат една недела со сонце на Медитеранот, велат од компанијата.

Грција е најпопуларна дестинација за есенски одмор, а Родос е најбараниот остров, потоа следуваат Крит, Санторини и Миконос. На второ место се Канарските Острови, популарна дестинација за зимски одмор со многу сончеви денови. Најпопуларни оддалечени дестинации се Малдивите и Карибите, вклучувајќи ги Антигва, Барбадос и Света Луција, објави „Куони“.

Можете да прочитате

Само три инспекции за 10 години: Сопственикот на барот во Кран-Монтана тврди дека ги исполнувал сите стандарди

Голем број на регистрирани возила во Норвешка лани биле целосно електрични

128 новинари и медиумски работници се убиени во светот минатата година