Поранешниот актер од британската ТВ-серија Coronation Street, Шон Ворд, тврди дека останал на улица без никаков имот како резултат на неговите антиваксерски ставови во врска со пандемијата на Ковид-19.
Британските медиуми цитираат објава на 33-годишниот актер на Инстаграм, во која вели дека морал да го продаде својот стан бидејќи повеќе не може да си го дозволи. Тој, наводно, нема никакви понуди за работа откако искажал ставови против вакцинацијата. Намештајот и личните работи ги префрлил во магацин, и на крајот, ги загубил бидејќи повеќе не можел да ги плати трошоците за магацинот.
„Целиот мој живот е во тој магацин. Изгубив сè. Не можев да побарам помош од никого бидејќи мојот избор беше да проговорам за вакцините. За среќа, навреме го извадив душекот и повеќе од една година спијам на него кај мој пријател“, пишува Шон на својот Инстаграм-профил, додавајќи дека и автомобилот му го конфискувале поради долгови.
Тој тврди дека се откажал од се за да го поддржи движењето против вакцинација. Учесник бил и на протестите против мерките и вакцините. Своите антиваксерски ставови тој редовно ги искажува на социјалните мрежи и тоа го нарекува „борба за слобода“.
Инаку, британски „Метро“ пишува дека Ворд заработувал околу 100,000 фунти годишно за време на снимањето на серијата. Тој го глумеше дилерот Калум Логан.