Советникот на украинскиот претседател, Михаило Подољак, вели дека војната радикално се променила откако Киев започнал контраофанзива.
Подољак истакнува дека тоа значително ја променило состојбата, но дополнително не ја елаборира неговата изјава.
Друг советник на претседателот Зеленски, Олексиј Арестович, вели дека украинските сили спроведуваат неколку помали контранапади на неколку фронтови.
Тој додаде дека ситуацијата на главните боишта не е променета.
„Нема шанси да се промени бидејќи Русите ги потрошија своите ресурси“, додаде Арестович, а пренесува „Скај њуз“.
„Руските трупи продолжуваат да истрелуваат ракети кон украински цели, а околу две третини од проектилите погодија цивилни згради и инфраструктура“, рече Арестович на видео брифинг.
Министерството за одбрана на Велика Британија во меѓувреме го објави најновиот разузнавачки извештај за ситуацијата во Украина. Во него, се забележува дека Русија сè повеќе се обидува да собере дополнителни трупи за да ги зајакне и компензира своите човечки загуби.
„Русија сè повеќе се обидува да собере дополнителни војници за да ги зајакне и да ги компензира своите човечки загуби во Украина. Како резултат на овие загуби, Русија најверојатно ќе има проблеми со спроведување на офанзивните операции, соочена со континуиран украински отпор.
Континуираните загуби на човечка сила, исто така, ќе и отежнат на Русија да ја обезбеди окупираната територија.
Русија ги прераспоредува силите дури и од нејзиниот Источен воен округ, Пацифичката флота и Ерменија. Исто така, сè повеќе се обидува да користи нерегуларни извори како што се приватни воени компании, сириски и други платеници“, се наведува во британскиот извештај.