Голема студија направена во Бразил покажа дека „хидроксихлорокинот“, кој претседателот Жаиро Болсонаро силно го промовира како терапија за коронавирусот, е неефикасен во лекувањето ковид-пациенти.
„Хидроксихлорокинот“ стана популарен на почетокот од оваа година кога се појави надеж дека овој лек против маларија може да им помогне и на лицата со Ковид-19. Од мај бразилската влада им препорача на болниците да им го препишуваат овој лек на пациенти заразени од коронавирус, па дури и претседателот на оваа земја рече дека тој зел „хидроксихлорокин“ како терапија кога било потврдено дека заболел од Ковид-19 на почетокот на јули.
Слично мислење изрази и американскиот претседател Доналд Трамп, кој рече дека „хидроксихлорокинот“ може да биде корисен за третман на пациенти заразени со корона, пишува Би-би-си.
Сепак, големото клиничко испитување спроведено на Универзитетот „Оксфорд“ во јуни покажа дека „хидроксихлорокинот“ не е ефикасен по што Светската здравствена организација спроведе свое истражување за овој лек.
Тимот научници, кои спроведоа истражување во Бразил, дојдоа до истите резултати. Студијата опфати пациенти заразени од коронавирус со благи до умерени симптоми на болеста од 55 болници во оваа земја, вкупно 667 од нив, а студијата покажала дека лекот не е ефикасен во лекувањето на Ковид-19 и може да има штетни несакани ефекти.
Истражувањето е објавено во научното списание New England Journal of Medicine.
Авторите на студијата забележале дека таа има одредени ограничувања и дека испитувањето не може дефинитивно да исклучи ниту значителна корист од испитуваниот лек ниту значителна штета.