Утрински Весник
Свет

Борел: Русија демократските вредности ги гледа како закана, можни се санкции

Борел: Русија демократските вредности ги гледа како закана, можни се санкции

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел изрази загриженост поради одбивањето на руските власти да воспостават поконструктивен дијалог со ЕУ и ги повика европските лидери да преземат понатамошни чекори, вклучително и можност за санкции.

„Руските власти не сакаа да ја искористат можноста за поконструктивен дијалог. Ова е жално и затоа треба да преземеме понатамошни чекори. Земјите-членки ќе одлучат за понатамошните мерки и да, тие може да вклучуваат и санкции“, напиша Борел на „Твитер“ по враќањето од Русија каде престојуваше од 4 до 7 февруари.

Предвидено е министрите за надворешни работи на ЕУ да се состанат на 22 февруари за да одлучат што понатаму по посетата на Борел на Русија и разговорите со рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, при што Кремљ го одби барањето на европските лидери за ослободување на лидерот на опозицијата Алексеј Навални од притвор и протера тројца европски дипломати од Русија.

Одлуката за воведување санкции мора да се донесе едногласно по предлог на земја-членка. Борел не може да предложи ништо. Тој може да даде само препорака, што го направи во извештајот за својата посета.

„Се вратив во Брисел многу загрижен за иднината на руското општество и руските геостратешки одлуки. Мојата средба со министерот Лавров и пораките испратени од руските власти по повод таа посета потврдија дека Европа и Русија се оддалечуваат. Се чини дека Русија постепено се оддалечува од Европа и гледа на демократските вредности како на егзистенцијална закана“, нагласи Борел.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Мексиканците ќе бидат првите кои сами ќе избираат судии – повеќе од 34.000 кандидати за 881 судија

Пекинг со тврдење дека ниту САД ниту Кина нема да имаат корист од трговска војна

Русија ги брише талибанците од листата на терористи