Еден од двајцата бомбаши-самоубијци кои нападнаа катедрала во Индонезија на Цветници ѝ припаѓа на екстремистичка група која ја поддржува Исламска држава и е обвинета и за други бомбашки напади во Индонезија и на Филипините, соопшти полицијата.
„Тој е дел од ЈАД“, изјави шефот на националната полиција Листијо Сигит Прабово, посочувајќи на екстремистичката мрежа Џама Аншарут Даулах.
„Оваа група е дел или е поврзана со онаа која спроведе операција во Џоло на Филипините“, додаде тој, осврнувајќи се на нападот во 2019 година.
Силната експлозија во црквата во градот Макасар на островот Сулавеси се случи околу 10:30 часот по локално време и повреди најмалку 20 свештеници и верници, соопшти полицијата. Не е јасно дали нивните повреди се опасни по живот.
„Имаше две лица кои се возеа на моторцикл кога се случи експлозијата на главната порта на црквата – сторителите се обидуваа да влезат во комплексот“, рече портпаролот на Националната полиција, Арго Јувоно.
Сведок на местото на настанот ја опиша експлозијата како многу силна. Полицијата соопшти дека чувар на црквата се обидел да спречи моторциклот да влезе во комплексот кога се случила експлозијата.
Експлозијата во главната католичка катедрала во Макасар – пристанишен град со околу 1,5 милиони жители – се случи веднаш откако верниците завршија со прославата на Цветници, првиот ден од Страсната седмица во знак на сеќавање на влегувањето на Исус во Ерусалим, и се случува една недела пред католичкиот Велигден.
Црквите и во минатото биле мета на екстремистите во Индонезија, најголемата нација во светот со мнозинство муслимани. Во 2018 година, десетина луѓе беа убиени кога семејство бомбаши-самоубијци се разнесоа во цркви за време на неделната богослужба во вториот по големина град во Индонезија, Сурабаја.
Семејството – вклучително и две ќерки на возраст од 9 и 12 години – и уште едно петчлено семејство, кое изврши самоубиствен бомбашки напад врз полицискиот штаб, припаѓаа на истата група за проучување на Куранот и беа поврзани со ЈАД.
Групата се стекна со озлогласеност во 2016 година по напад со пиштол и самоубиствен бомбашки напад во главниот град Џакарта, во кој беа убиени четворица цивили и четворица напаѓачи – вклучувајќи го и оној кој се разнесе во „Старбакс“. Тоа беше првиот напад за кој ИД презеде одговорност во Југоисточна Азија.