Утрински Весник
Македонија

Болеста „Њукастел“ ги коси гулабите во Струмичко, надлежните апелираат на време да се вакцинираат со евтина вакцина

Болеста „Њукастел“ ги коси гулабите во Струмичко, надлежните апелираат на време да се вакцинираат со евтина вакцина

Струмица, 14 мај 2020 (МИА) – Одгледувачите на гулаби во Струмичко се жалат дека нивните јата се покосени од болеста „Њукастел“, која во нашата држава се појави минатиот месец и засега е регистрирана само во Скопје. Според Агенцијата за храна и ветеринарство болеста е пренесена преку птици од Турција. Не се пренесува на човек, но е високосмртоносна за живината и предизвикува големи економски штети во живинарството.

Гулабарите велат дека кај нивните миленици се појавува вртоглавица, вкочането крило и дијареја и набргу умираат.

-Кај мене умреа околу четириесетина гулаби од вкупно 120, но тука не ги ставам младите гулаби кои угинаа во гнездата во гулабарникот. Можеби на прв поглед не е толку страшно, но одгледувачите на гулаби трпат и финансиска штета, бидејќи еден добар македонски вртач, стар над три години, чини над 500 евра, вели Тодор Маџаров, претседател на Здружението „Македонски вртач“ од Струмица и долгогодишен одгледувач на овој вид гулаби, но и други птици и животни.

Ни покажа и еден бел гулаб, кој ги имаше симптомите на болеста. Главата му беше свиткана нагоре, но според Маџаров може да се случи и да преживее, бидејќи досега имало и такви случаи.

И Миле Алтанџиев потврдува дека болеста „Њукастел“ ја има кај гулабите.

-Моите гулаби беа меѓу првите кои беа нападнати од оваа болест, која не е нова и се појавува скоро секоја година. Пред две години изгубив цело јато кое го одгледував 25 години. За три дена ми умреа четирисетина гулаби. Истата година се појави и кај други гулабари. Годинава презедов мерки на немешање на гулабите и одгледувам само десетина гулаби. Сега поради пандемијата од коронавирусот не се движиме и не се собираме и со тоа не ги мешаме гулабите. Според моите сознанија болеста најмногу ги погодува младите гулаби, бидејќи се неотпорни, рече Миле Алтанџиев, претседател на Спортското друштво „Гулаб“ од Струмица.

Вирусот на оваа болест беше лабораториски потврден во почетокот на април во одгледувалиште за бројлери во скопската општина Гази Баба, по што Агенцијата за храна и ветеринарство донесе решение за спроведување на сет безбедносни мерки за спречување на ширењето на болеста. Заради заштита од евентуално ширење на вирусот преку месото од пазарот беа повлечени и уништени количините месо кои пред детектирањето на болеста биле дистрибуирани во продажба.

Агенцијата за храна и ветеринарство апелира до одгледувачите на живина на целата територија на државава да ја исполнат законската обврска и согласно годишната наредба за здравствена заштита на животните, да се обратат до најблиското ветеринарно друштво и да ја вакцинираат живината и гулабите против болеста „Њукастел“.

-Вакцинирањето на живината, односно на гулабите е на трошок на одгледувачите и доколку не спроведат вакцинирање има казнени мерки. Вакцината е многу евтина, а единствен услов е еднократно да регистрираат одгледувалиште за околу 270 денари и да го внесат во нашиот систем, објасни директорот на Агенцијата за храна и ветринарство, Зоран Атанасов.

Додаде дека доза вакцина чини околу 1.500 денари, од која може да се вакцинираат над илјади животни.

Според податоци од гулабари во Струмица има околу стотина огледувачи на гулаби-вртачи, а во државата вкупниот број на гулаби е околу 10 илјади. рт/мд/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Кај село Миравци пронајдена удавена жена

Полицијата ќе ја проверува работата на „Државна лотарија“

Камбовски: Невозможно е да постојат две национални академии во една држава