( META) Македонските градежни компании лани на странските пазари реализирале помалку проекти, но затоа пак успеале да склучат повеќе договори за градежни активности што допрва ќе се реализираат, покажуваат годишните податоци на Државниот завод за статистика.
Извршените градежни работи на македонската оператива во странство лани изнесувале над 4,5 милиони евра, што е за 77,3 отсто помалку во споредба со 2018 година. Од друга страна, градежниците договориле изведба на проекти во вредност од околу 66 милиони евра, односно речиси два и пол пати повеќе во однос на договорените градежни работи во 2018 година.
Како и во изминативе години, работењето на македонските градежници во странство се сведува во најголем дел на проекти што се изведуваат во Босна и Херцеговина. Големиот пад на вредноста на извршените градежни работи е резултат на завршувањето на веќе започнатите проекти на босанскиот пазар, но и значителниот пораст на договорените проекти за во иднина се должи на зделките што се склучени во оваа земја.
Покрај Босна и Херцеговина, единствена земја каде што македонските компании имаат позначителен обем на работа во форма на договорени и извршени работи е Германија.