Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, попладнево, во рамките на серијата консултативни средби со стопанските комори, синдикални организации, граѓански и организации на работодавачи и академската и стручна заедница, реализираше работна средба со управниот одбор на Советот на странски инвеститори, каде што беа дискутирани предизвиците со кои се соочуваат странските компании, актуелната економска ситуација, но и плановите на Владата на краток, среден и долг рок.
Тој додаде дека Владата во првите недели од конституирањето реализираше серија средби со сите релевантни учесници во економскиот живот, од консултативен карактер, првично да се слушнат предизвиците и предлог-решенијата за нивно надминување од бизнис-заедницата, работниците и научната јавност, во насока на креирање сеопфатен и ефективен сет мерки со кои ќе се овозможи поддршка на оние на коишто таа им е најпотребна.
Битиќи се осврна и на плановите на Владата, на среден и долг рок, кои предвидуваат создавање патформа за економски развој, која ќе овозможи пред сè побрз и одржлив раст на економијата, но и предвидливост и сигурност за странските и домашните инвеститори. Креирање на уште поповолна бизнис-клима, преку консултации за секоја поважна промена која би можела да има влијание на деловните активности, борба so корупцијата и криминалот и сузбивање на сивата економија се само дел од темите за кои во периодот кој следи ќе се создаде широк фронт на активности, кој ќе бара тесна соработка помеѓу сите страни во економското живеење.
Токму во таа насока беа и клучните барања на Советот на странски инвеститори кои ги презентираше претседателот и извршен директор на ЕВН, Штефан Петер.
На крајот на средбата vицепремиерот Битиќи и членовите на управниот одбор на Советот на странски инвеститори го потврдија заедничкиот интерес и желба за отворен дијалог и партнерски однос на чинителите во економијата, пред си за излез од кризата предизвикана од Ковид -19, но и создавање на развојна одржлива економија.