Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, денеска се обрати на онлајн-настанот „Унапредување на економските и царинските регулативи во време на криза“, организиран од Амбасадата на Република Грција во Северна Македонија.
„Задоволство ми е што сум дел од овој настан, каде што може да зборуваме за забрзување на нашата заемна економска соработка и отворање на можностите за двете економии и за бизнисите во нив потенцирајќи ја притоа улогата на царината во економските односи. Тековната соработка во бројки покажува дека надворешната трговија со Република Грција непрекинато расте и трендовите покажуваат дека на крајот на изминатата година вкупната размена била 943.265 милиони евра. Овој тренд е задржан и во првиот квартал на оваа година, 2022, а извозот и увозот се удвоени во споредба со истиот период од последната година. Нивото на странски директно инвестиции што доаѓаат од Грција во 2021 година е 29,31 милиони евра, според податоците на Народната банка на Република Северна Македонија“, изјави Битиќи.
Тој додаде дека Владата е посветена на подобрување на условите за работење и за обезбедување подобра бизнис-средина и токму затоа презема чекори за спроведување проекти што придонесуваат кон постигнувањето на оваа цел, покрај тешките услови и кризите (здравствена, енергетска, војната во Украина), што ја удираат нашата економија како и најголем дел од економиите во светот од 2020 година наваму.
„Приоритет на нашата земја во полето на трговијата значи вклученост во меѓународните синџири на вредност и интернационализација на домашните компании, со што ќе се зголеми обемот на трговијата, ќе се зголеми нивото на усогласеност со меѓународните трендови и меѓународните регулативи, вклучително и европските во полето на царината и царинската унија. Всушност, во пристапниот процес кон ЕУ постои цело поглавје што се занимава со царината и царинските прашања поврзани со единствениот пазар на ЕУ. Би сакал да ви се заблагодарам за напорите да го организирате овој состанок. Важно е непрекинато да се работи на заемната корист во постигнувањето на истата цел, подобра бизнис-средина и подобри животни услови за нашите граѓани“, изјави Битиќи.