Утрински Весник
Македонија

Биро за развој на образованието: Одговорноста за објективноста на оценките е на наставникот

Биро за развој на образованието: Одговорноста за објективноста на оценките е на наставникот

Maлкумина наставници се жалат дека немале доволно време да ги оценат учениците, а мнозинството наставници успешно ги оцениле учениците на крајот од првото двомесечие, информираат за „Мета.мк“ во Бирото за развој на образованието (БРО). Во наставата од далечина, потенцираат оттаму, акцент не треба да се стави на научените факти, туку на начинот на пребарување, избирање на релевантни извори на информации, нивна споредба, анализа и вреднување.

– На овој начин се вреднуваат и оценуваат посложените когнитивни процеси, а ова ги поттикнува учениците повеќе да се ангажираат за да дојдат до повисоки постигања. Врз основа на сето ова, учениците треба да донесуваат заклучоци и да формираат ставови. Треба да се знае дека со наставата од далечина многу ученици се чувствуваат поопуштено во својот дом, тој им е по сигурна средина за учење, имаат одлични дигитални вештини и со тоа постигнуваат подобри резултати. Составен дел на наставниот процес е следењето, вреднувањето и оценувањето. Во однос на објективноста во оценувањето, одговорноста е кај наставниците – вели Оливер Станојоски, советник во БРО.

Тој потсетува дека оценувањето ги вклучува резултатите добиени со постојано следење и вреднување на работата на учениците.

– Наставата од далечина предизвикува промени во начинот на следење, вреднување и оценување на учениците и поголем фокус се става на формативното оценување. Во формативното оценување на далечина, повратната информација често не се дава синхроно (истовремено), но затоа таа може да биде подетална и поконкретна.
При изборот на алатките и инструментите за формативно оценување се избираат оние што може да се користат, на пример: ученички проекти и истражувања, есеи и презентации, рефлексивни дневници, блогови и дискусии во затворени групи, е-портфолио, тестови со куси есејски прашања. Секогаш кога е возможно, наставниците треба да отворат поле за аргументирани дебати, во пишана форма, да поттикнуваат критичко размислување и да ги поврзуваат актуелните случувања со темите кои ги третираат – потенцира Станојоски.

Во Бирото, покрај упатството за оценување од далечина и другите упатства за реализација на наставата од далечина изработени пред почетокот на учебната година, се подготвуваат две нови упатства – упатство за методиката на наставата од далечина и упатство за реализација на воннаставните активности од далечина.

Инаку, оценките се описни во првиот развоен период од деветгодишното основно образование (прво, второ и трето одделение). Во вториот развоен период (петто, шесто и седмо одделение) оценките исто така се описни, освен последната годишна оценка, која е бројчана. Бројчани се оценките во третиот развоен период од деветгодишното основно образование, како и во средното образование.

Учениците треба да имаат јасни насоки од нивните наставници во врска со начините на вреднување и оценување, за тоа како самостојно да учат, како да проверуваат колку научиле, кои докази треба да ги собираат, како ќе се проверува наученото и како ќе се формира оценката по предметот.

Наставниците ги следат учениците во континуитет, но почести тестирања и проверки се очекува да има во следниве недели, за да можат да ги формираат полугодишните оценки по сите предмети.

Зимскиот распуст за учениците ќе започне на 31 декември, а второто полугодие ќе започне на 21 јануари.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Сообраќајка на патниот правец Гостивар – Стража, сообраќајот е во прекин

Лефков: Аврамовска Мадиќ која ги осмисли измените во Кривичниот законик не може да е ново лице во СДС

Лукаревска: ВМРО-ДПМНЕ одби да се реконструира улицата „Ленинова” во Скопје