Авион со тим специјализиран за лекување пациенти во кома ќе полета вечерва од Германија за да го пренесе рускиот дисидент Алексеј Навални, пишуваат германските медиуми.
Навални беше хоспитализиран рано утрово под сомнение за труење, а во моментот е во кома и се бори за својот живот во болница во сибирскиот град Омск.
„Авионот за итна помош со специјалисти за пациенти во кома ќе полета вечерва“, изјавил за „Билд“ претседателот на германската невладина организација „Синема фор пис“, Јака Бизиљ, германски активист, роден во Словенија.
„Ако Навални е во можност да го стори тоа утре наутро, авионот веднаш полетува за Берлин. Неговата сопруга ќе лета со него“, додал тој.
Операција од сличен вид беше организирана и во 2018 година за челнови на контроверзната руска група „Пуси рајот“.
Денеска, и францускиот претседател, Емануел Макрон, и неговата германска гостинка, канцеларката Ангела Меркел, официјално понудија помош на рускиот опозициски лидер.