Претседателот Стево Пендаровски денеска во Давос оствари средба со премиерот на Република Грција, Киријакос Мицотакис
Од кабинетот на Пендровски информираа дека за време на состанокот, двајцата изразиле подготвеност за натамошно унапредување на билатералните односи.
Соговорниците, како што наведува, разменија мислења и за перспективите на Северна Македонија во однос на евроинтеграциските процеси и актуелните предизвици со кои се соочува регионот од безбедносен и економски аспект.
Покрај тоа, Пендаровски оствари куса средба и со Бернар Емие, директор на француската генерална дирекција за надворешна безбедност (ДГСЕ) и со претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард.
„На средбата со Бернар Емие беа разменети мислења за руската воена агресија во Украина, актуелните состојби во регионот на Југоисточна Европа, како и за перспективите за членство на земјите од регионот во Европската Унија. Со оглед на актуелните безбедносни предизвици и потенцијални ризици, претседателот Пендаровски ја нотираше важноста од интензивирање на соработката меѓу безбедносните агенции на земјите-членки на НАТО“, информираа од Кабинетот.
Во разговорот со Кристин Лагард, разменети биле мислења за глобалните економски текови и мерките кои се преземаат со цел ублажување на финансиските последици од војната во Украина.
Во таа насока станало збор за ефектите на монетарната политика на ЕЦБ врз македонската економија и економиите во нашиот регион.