Утрински Весник
Економија

Бесими: Учесниците на пазарот мора да придонесат во надминување на тековните состојби

Бесими: Учесниците на пазарот мора да придонесат во надминување на тековните состојби

Денеска во Министерството за финансии се одржа седница на Советот за развој на пазарот на капитал на кој министерот за финансии Фатмир Бесими најави дека Советот активно ќе продолжи со своите активности.

„Мерките што ги презема Владата на Република Северна Македонија во доменот на пазарот на капитал не можат да ги решат сите проблеми пред кои сме исправени. Но се надевам дека со заеднички напори, преку меѓусебна размена на искуства и идеи, сите заеднички ќе дадеме придонес во изнаоѓањето на вистински решенија за натамошниот раст и развој на пазарот на капитал. Учесниците на пазарот како најзасегнати страни мора да дадат свој придонес во надминување на тековните состојби, рече минситерот на седницата на Советот за развој на пазарот на финансиските пазари“, рече Бесими.

Министерот потенцира дека за правилно насочување на понатамошниот развој на финансиските пазари и нивна либерализација, има потреба од изготвување Стратегија за либерализација и развој на финансиските пазари, со посебен осврт на пазарот на капитал, користење на меѓународното експертско искуство и практики во земјите со слично ниво на развиеност на финансиските пазари како нашата земја.

Бесими истакна дека Министерството за финансии со цел да го стимулира економскиот раст во Република Северна Македонија, особено во фазата на опоравување на економијата од последиците предизвикани од пандемијата на вирусот Ковид-19 е во процес на планирање на начинот и условите за воспоставување фондови за развој кои се во насока на олеснување на пристапот до финансиски средства за компаниите во Република Северна Македонија.

Главниот фокус е во изнаоѓање начини за создавање извори на средства за малите и средни компании, за стратешки и зелени инвестиции кои се двигател на економскиот раст и генератор на нови работни места. Овие нови извори на средства треба да го поддржат економскиот раст без дополнително зголемување на дефицитот, туку со воспоставување фондови кои ќе соберат капитал од реномирани приватни инвеститори и меѓународни финансиски институции.

Советот денеска се осврна и на прашањето околу виртуелните средства и нивото регулирање.

Некои држави донесоа законски решенија за регулирање на виртуелните средства, се со цел да привлечат инвеститори во виртуелни средства и да се отворат за иновативната технологија врз основа на која се создадени овие средства. Во Република Северна Македонија првпат со Предлогот на Законот за изменување и дополнување на Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам се среќаваат виртуелните средства само од аспект на активности поврзани со спречување перење пари и финансирање на тероризам.

Совет за развој на пазарот на капитал ја следи состојбата на пазарот на капитал и предлага мерки за обезбедување на негов континуиран раст и развој. Го сочинуваат министерот за финансии д-р Фатмир Бесими, кој е и претседател на Советот, а членови се претставници на Министерството за економија, Комисијата за хартии од вредност, Народната банка на Република Северна Македонија, Агенцијата за супервизија на осигурување, Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување, Македонска берза АД Скопје, Централен депозитар на хартии од вредност АД Скопје, Македонска банкарска асоцијација – Скопје, како и претставници од друштвата за управување со инвестициски фондови, од пензиските друштва и претставник од големите трговски субјекти предложен од Стопанската комора на Македонија, Стопанска комора на северно-западна Македонија и Сојузот на стопански комори на Македонија.

Можете да прочитате

Димитров: За 14 % е намален бројот на вработени во текстилниот сектор, најголем пад во изминатите 15 години

Средба на Народната банка и ЕБОР за новата Стратегија за земјава за 2025-2030 година 

Заврши амандманската расправа по Предлог-буџетот за 2025 година