Фокусот на соработката на Министерството за финансии со Развојната програма на Обединетите Нации (УНДП) во следниот период, ќе биде подобрување на управувањето со јавните финансии во разни области, со посебен осврт на борбата против неформалната економија, како и поддршка на општините во процесот на фискална децентрализација и зајакување на капацитетите на локално ниво. За ова стана збор на средбата помеѓу министерот за финансии Фатмир Бесими и постојаната претставничка на УНДП во нашата земја Нарине Сахакјан и нејзиниот тим. За надминување на последиците од Ковид-кризата потребно е холистички пристап при креирање мерки и политики за дејствување, како и мерење на перформансот на истите – беше посочено на состанокот.
Министерот за финансии посочи дека крајна цел се повисоки стапки на економски раст кои ќе бидат одржливи, а воедно и дека растот ќе биде инклузивен. Кон подобрување на економскиот перформанс, а притоа и подигнување на животниот стандард, ќе се дејствува преку политики кои ќе промовираат подобра и попредвидлива бизнис клима, борба со сивата економија, владеење на правото, инвестиции во човечкиот капитал, зелена економија и низа други структурни реформи, коишто се на агендата за члeнството во ЕУ и воедно се компатибилни со Агендата 2030 на Обединетите нации за одржлив развој. Тука е и инклузијата и ориентацијата кон технологиите, кои го добија својот примат со развојот на ковид-кризата.
Бесими посочи дека иако се соочуваме со најголемата економска криза, покрај краткорочните мерки, треба да се дејствува и долгорочно, односно да се постави систем во јавните финансии кој во иднина ќе генерира подобри резултати. Новиот концепт во јавните финансии – СМАРТ, или „паметни финансии“ е стратешко, одржливо, одговорно, реформско и транспарентно дејствување, кое ќе ги имплементира и СМАРТ индикаторите за реализација (SMART Key Performace Indicators). Овие индикатори ќе се користат не само за следење на буџетските трошоци, туку и ефектите кои политиките и мерките кои се финансирани со јавните средства ќе ги имаат.
Од страна на УНДП информираа дека Агенциите на Обединетите нации во земјава изготвуваат петгодишна програма, која ќе ги вклучи приоритетите на Министерството за финансии и Владата на Република Северна Македонија. Во првата година од реализација, најголем дел од активностите ќе бидат во насока на одговор на Ковид-кризата. Оттаму информираа и дека се подготвени да помогнат со технички анализи за проценка на ефектите и влијанието на кризата врз економијата.
Во однос на мерките и политиките кои ќе се преземаат за сузбивање на ефектите од кризата, од УНДП поттикнуваат холистички пристап, кој ќе ги вклучи ранливите категории зафатени од кризата, односно таргетирање на целни категории како жени, повозрасни граѓани и микро и мали претпријатија, соопшти Министерството за финансии.