Израелскиот премиер Нафтали Бенет изјави дека израелските одбранбени сили (ИДФ), безбедносните служби, во моментов се вооружуваат на начин на кој тоа не го правеле со години.
Коментарите на Бенет дојдоа откако ИДФ објавија дека интензивно се подготвуваат за потенцијални воени напади врз иранските нуклеарни постројки, поради стравувањата дека разговорите меѓу Техеран и светските сили во Виена за враќање на нуклеарната програма од 2015 година може да резултираат со договор што Тел Авив го смета за неприфатлив, објавија тамошните медиуми.
„Инвестираме во вооружувањето на ИДФ и на целата одбрана. Би рекол дека Израел со години не видел такво оружје. Тоа е важно за нашето закрепнување и мило ми е поради тоа, решен сум да го имплементирам брзо“, изјави Бенет пред парламентарната Комисија за надворешни работи и одбрана.
Тој повтори дека Израел нема да биде обврзан со евентуален нуклеарен договор со Иран и ќе направи се што е потребно за да ја обезбеди неговата безбедност.
„Кога станува збор за разговорите во Виена, нуклеарните разговори – навистина сме загрижени. Важно е нешто да се разјасни, да не биде погрешно протолкувано. Израел не е дел од (виенскиот) договор, не е обврзан со него доколку е потпишан“, додаде тој.
Според агенцијата Ројтерс, индиректните преговори меѓу Иран и САД за заживување на иранскиот нуклеарен договор продолжија пред една недела во Виена.
Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ив Ле Дриан во петокот изјави дека е постигнат напредок во преговорите, иако времето истекува.