Врховниот суд во Белорусија одби да покрене постапка по жалбата на поранешните кандидати против резултатите од претседателските избори, кои ги објави Централната изборна комисија.
Врховниот суд ја образложи својата одлука велејќи дека овие видови на барања не се во негова надлежност.
Претходно, претставникот на Уставниот суд на Белорусија, Петар Миклашевиќ, изјави дека Уставот на земјата не им дозволува на јавните органи и институции да ги менуваат резултатите од претседателските избори, односно дека координативниот совет на опозицијата за таа цел не ги исполнува основните закони на земјата, пренесе агенцијата „Спутник“.
Во меѓувреме, судот ги осуди водачите на опозицијата на десет дена затвор, а владата започна потрага по уште неколкумина кои се уште на слобода, додека во тек се планови за нови протести против претседателот Александар Лукашенко.
И покрај тоа што повеќето поголеми лидери на опозицијата се во затвор или во егзил, Лукашенко сè уште не успева да ги згасне протестите насочени против неговото 26-годишно владеење, две недели по изборите, за кои неговите противници велат дека биле лажирани.
Десетици илјади луѓе излегоа на улиците во текот на викендот и мирно се разотидоа. Лукашенко ја негира изборната измама.
Тој ги нарече демонстрантите „стаорци“ и рече дека тие се финансирани од странство.