Утрински Весник
Економија

Бектеши: Интензивно работиме на подготовка на антикризни мерки за најпогодените сектори

Бектеши: Интензивно работиме на подготовка на антикризни мерки за најпогодените сектори

Министерот за економија Крешник Бектеши имаше официјална работна средба со претседателката на Сојузот на стопански комори (ССК), Данела Арсовска. На средбата беа присутни и секторските претседатели на Сојузот.

Министерот ги информираше претсавниците од ССК дека Министерството за економија и Владата интензивно работат на нови мерки за поддршка на најпогодените сектори од здравствено-економската криза предизвикана од Ковид-19. Во моментот се прават проценки за да се обезбедат средства за четвртиот пакет на антикризни мерки.

„ Имајќи ја во предвид здравствената и економска криза ние како Министерство за економија и како Влада започнавме со креирање на нови мерки со цел да ги задржиме работните места, но истовремено да им помогнеме на секторите кои беа најпогодени и со одлука на Влада беа целосно затворени изминатите месеци. Ние досега добивме неколку предлози и сугестии и верувам дека преку отворена дискусија денеска ќе разговараме за дополнителни мерки кои ќе бидат во интерес на најпогодените компании, со цел да креираме таргетирани мерки кои навистина ќе им помогнат за рестартирање на економија во третиот и четвртиот квартал, но и за следната 2021 година“ изјави министерот Бектеши.

Претседателката на ССК, Данела Арсовска истакна дека неопходно е државата да помогне за да преживее бизнисот, посебно фирмите кои во претходните години вложуваа многу.

„ Очекуваме интервентно да се делува со директна финансиска поддршка за најпогодените сектори за да се ублажат ефектите од пандемијата колку што е можно повеќе бидејќи има дејности кои се пред пропаѓање. Кризата во континуитет трае повеќе од шест месеци, постојат дејности кои се уште се принудно затворени од Владата за што е неопходно што поскоро по примерот на земјите од регионот и светот да се креираат прецизни протоколи за работа за остварување на дејноста, но и здравствена превенција и да им се овозможи да функционираат“ потенцираше Арсовска.

Министерот Бектеши истакна дека мерките ќе бидат донесени со целосна вклученост и консултација на секторот врз основа на реалните потреби. Тој информираше дека соработката со Сојузот и во претстојниот период ќе се интензивира со цел економските мерки да имаат поголем ефект за најпогодениот сектор. Бектеши најави дека поддршката ќе продолжи и во наредниот период преку четвртиот пакет мерки кој е во фаза на подготовка.

Извор: Makfax

Можете да прочитате

Битиќи: ВМРО-ДПМНЕ одби амандман за набавка на еколошки автобуси

Стојаноски: Владата предводена од ВМРО ДПМНЕ постигна историски договор со најниска каматна стапка за стопанството

Денови на финансиска писменост – 24info.mk