Утрински Весник
Економија

Бежоска: НБРМ ќе побара стечајна постапка за „Еуростандард банка“

Бежоска: НБРМ ќе побара стечајна постапка за „Еуростандард банка“

Стечајна постапка за „Еуростандард банка“ ќе побара Народната банка од судот, најави гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска. Таа кажа дека се направени максимални напори за да не се затвори банката, но кредитните загуби биле големи.

„ Вложивме исклучителен напор за да не дојде до затворање на банката. Првенствено нашите напори се забележливи во супервизорските мерки кои ги спроведовме. Преку акционерите се обидовме банката да се стабилизира и да почне нормално да функционира. Кредитните загуби наметнаа потреба од поголеми вложувања кои не се реализираа“, рече Бежоска.

Сите други банки работат со добивка, рече гувернерката, според која ако се изземе „Еуростандард банка“, банкарскиот систем се подобрува за 21 процент.

„ Сите податоци јасно покажуваат дека затворањето на банката е во функција на одржување и јакнење на банкарскиот систем и заштита на депонентите. Уверени сме дека банките ќе излезат во пресрет на досегашните клиенти на ‘Еуростандард банка’ со своите услуги и производи. Со тоа, ќе се потврди дека нашиот банкарски систем не само што е стабилен, туку и општествено одговорен“, додаде Бежоска.

Извор: Makfax

Можете да прочитате

Исплатени над 237 милиони денари кон македонските земјоделци

Битиќи: Македонија се движи кон автократски модел на владеење, се задушува слободата на говор

Цената на нафтата ќе порасне, но не така драматично како онаа на гасот, смета Андреевски