Гостивар, 24 мај 2020 (МИА) – Славењето на муслиманскиот празник Рамазан (Фитр) Бајрам во Гостивар започна со утринска молитва (бајрамски намаз). Во сите џамии на гостиварското муфтиство молитвата се одвивала со намален број на верници заради препораките на здравствените власти.
Традиционално во централната Саат џамија муфтијата Шаќир ефенди Фетаху им се обрати на верниците кои носеа заштитни маски и распоредени на препорачана дистанца. Од муфтиството претходно упатија апел до верниците да не се собираат во поголеми групи на молитвата и доколку се можност, обредите да ги вршат во нивните домови. Од тие причини во џамиите имаше помалку верници, во споредба со претходните години.
Повеќето верници, по намазот кажаа дека годинешното славење на Бајрам ќе помине без посети на роднини, пријатели, соседи, а заедничкиот бајрамски ручек, како дел од традицијата, ќе помине во потесниот круг на семејствата. згм/аа/