Утрински Весник
Свет

Бајден по потврдата на неговата победа: Трамп не сака да го почитува Уставот

Бајден по потврдата на неговата победа: Трамп не сака да го почитува Уставот

Избраниот американски претседател Џо Бајден во понеделникот го критикуваше одбивањето на актуелниот претседател Доналд Трамп да признае пораз на изборите, велејќи дека тој покажува непочитување на волјата на народот и ја повика Америка да сврти нова страница.

Избирачите (електори) ширум Соединетите држави во понеделникот официјално го потврдија демократот Џо Бајден за нов претседател на САД, по неуспешните обиди на Доналд Трамп да го претвори својот изборен пораз во победа.

„Тоа е екстремен став што никогаш порано не сме го виделе“, рече Бајден во говорот од неговиот штаб во Вилмингтон, Делавер, откако Избирачкиот колеџ ја потврди неговата победа на изборите на 3 ноември.

„Став со кој се одбива да се почитува волјата на народот, да се почитува владеењето на правото, го одбива и почитувањето и на нашиот Устав“, додаде Бајден.

Откако Калифорнија, американската сојузна држава со најмногу жители, на Бајден му ги даде своите 55 електори, тој го премина прагот на 270 од нив потребни за да обезбеди влез во Белата куќа.

На церемонија на 20 јануари, Џо Бајден треба да положи заклетва како 46-ти американски претседател, а сенаторката Камала Харис за потпретседателка.

„Интегритетот на нашите избори е зачуван. Сега е време да ја свртиме страницата. Ајде да се собереме заедно“, рече идниот претседател.

„Пламенот на демократијата кај оваа нација е запален одамна“, истакна тој во говорот. „И сега знаеме дека ништо, дури ни пандемија или злоупотреба на моќ, не може да го изгасне тој пламен. Во оваа борба за душата на Америка, преовладуваше демократијата“.

Трамп во ноември рече дека ќе ја напушти Белата куќа доколку Избирачкиот колеџ гласа за Бајден, но оттогаш започна кампања без преседан во обид да го сврти изборниот резултат, покренувајќи бројни судски тужби. Ниту во понеделникот, на самиот електорски ден, тој не пропушти да ги повтори своите обвинувања за изборни измами.

Единствената опција што му преостанува на Трамп откако Избирачкиот колеџ го потврди Бајден како нов претседател е обидот да се убеди Конгресот да не ги потврдува резултатите од изборите, на специјалниот состанок кој треба да се одржи на 6 јануари. Ова е, сепак, малку веројатно со оглед на тоа што Претставничкиот дом е контролиран од демократите.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

По 20 години, уапсен е еден од најбараните бегалци по кои ФБИ имаше издадено потерница

Интерпол уапси повеќе од 1.000 осомничени за кибер криминал во Африка

На сила стапи договорот за прекин на огнот во Либан