Поранешниот американски потпретседател Џо Бајден и официјално стана кандидат на Демократската партија за претстојните претседателски избори во САД што е планирано да се одржат во ноември. Тој објави дека ги добил потребните гласови на делегатите на Демократската партија, со што ја осигура неговата кандидатура и натпреварот со актуелниот американски претседател Доналд Трамп на претстојните избори.
Бајден изјави дека му било „чест да се натпреварува со една од најталентираните групи кандидати“ и посочи дека демократите на избори „ќе одат како единствена партија“.
Во меѓувреме, анкетите за претстојните претседателски избори во САД покажуваат дека Бајден засега води пред кандидатот на Републиканската партија, Доналд Трамп. Анкетата на „Си-ен-ен“ покажува дека 51 отсто од регистрираните гласачи го поддржуваат Џо Бајден за претседател, додека за Трамп би гласале 41 отсто од анкетираните граѓани.
Објавените резултати од „Си-ен-ен“ претставуваат просек од добиените резултати на петте последни национални истражувања што биле спроведени на крајот од мај и почетокот на јуни. Три од анкетите се спроведени по убиството на Џорџ Флојд, додека две од нив кон крајот на мај за време на борбата против корона вирусот во САД. Најновите анкети покажуваат дека расте поддршката на Џо Бајден од американските гласачи, споредено со истражувањата на јавното мислење спроведени во април годинава.