Утрински Весник
Свет

Бајден отворил веб-страница за претседателска транзиција

Бајден отворил веб-страница за претседателска транзиција

Кампањата на американскиот демократски претседателски кандидат Џо Бајден отвори веб-страница за претседателска транзиција, пренесува ТАСС. Според пораката објавена на веб-страницата, „гласовите сè уште се пребројуваат во неколку држави низ целата земја“.

„Тимот во транзиција ќе продолжи да се подготвува со полна брзина така што администрацијата на Бајден-Харис може да дејствува на терен од прв ден“, се додава во пораката.

Според „Фокс њуз“, Бајден има обезбедено 264 електроски гласови од вкупно 270 неопходни за победа на претседателските избори, додека актуелниот претседател Доналд Трамп освоил 214 гласа.

Агенцијата АП јавува дека на Бајден му е потребна победа во само уште една сојузна држава за да стане претседател, но трката и натаму е неизвесна, бидејќи останува да се пребројат милиони гласови.

„Ќе владеам како американски претседател. Нема да има црвени и сини држави кога ќе победам. Само Соединетите Американски Држави“, порача Бајден, кој досега има добиено 71 милион гласови, рекорд во историјата на изборите во САД.

Тој вели дека се чувствува многу добро во поглед на резултатите во Пенсилванија, каде што, според последните податоци, заостанува 164.000 гласови. Оваа сојузна држава носи дури 20 електорски гласови.

Аризона продолжи со броењето гласови, и покрај притисокот од приврзаниците на Републиканците, кои за момент упаднаа во тамошниот изборен центар по тврдењата што се појавија на социјалните мрежи дека гласовите што ги добил Трамп не се бројат.

Менаџерот на кампањата на Трамп, Бил Степиен, изјави дека тој и формално ќе побара повторно броење гласови во Висконсин поради наводни нерегуларности во повеќе области и најави тужби во Џорџија, Пенсилванија и Мичиген.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Силна експлозија во фабрика во Шпанија – има загинати и повредени

Русија го подготвува ракетниот систем „Сармат“ за оперативна готовност

На Германија годишно и се потребни 288.000 странски работници