Утрински Весник
Свет

Бајден го зголеми водството пред Трамп, покажуваат новите анкети

Бајден го зголеми водството пред Трамп, покажуваат новите анкети

Нови две анкети објавени во средата покажуваат дека Џо Бајден го зголеми водството пред актуелниот претседател Доналд Трамп на нешто повеќе од 100 дена пред изборите во ноември, пренесува „Њујорк тајмс“.

Анкетата на „Вол Стрит журнал“/„Ен-би-си њуз“ покажува дека 51 отсто од гласачите рекле дека би гласале за Бајден ако изборите се одржат сега, а 40 отсто го поддржуваат Трамп. Предноста на Бајден над претседателот се искачи на 11 процентни поени од 7 процентни поени минатиот месец.

Но, анкетата на „Вол Стрит журнал“ исто така покажа дека 54 отсто од анкетираните го одобруваат работењето на Трамп во економијата, што е рекордно високо ниво во анкетата и покрај економскиот пад предизвикан од пандемијата на коронавирус.

Анкетата на универзитетот „Квинипијак“, во меѓувреме, покажа дека Бајден го оствари своето најголемо водство годинава пред Трамп. Регистрираните гласачи го поддржуваат Бајден пред Трамп со 52 наспроти 37 отсто. Ова се споредува со анкетата од 18 јуни на „Кју“, според која Бајден има предност од 49-41 отсто. Од март, водството на Бајден се движи од 8 до 11 процентни поени во анкетите на „Кју“.

Анкетите, исто така, покажаа пад во процентот на одобрување на работата на врховниот командант.

Анкетата на „Вол Стрит журнал“ покажа дека вкупниот рејтинг за одобрување на работа на Трамп паднал за 3 процентни поени во текот на минатиот месец. Четириесет и два отсто од гласачите го одобриле работењето на Трамп, со 56 отсто неодобрување – неговиот најнизок рејтинг за одобрување на работата од април 2018 година.

Во анкетата на „Кју“, 60 отсто од гласачите не ја одобруваат работата на Трамп, додека 36 отсто ја одобруваат, што претставува пад од 6 поени во однос на минатиот месец. Во таа анкета на 18 јуни, 55 отсто не ја одобруваат работата на Трамп, а 42 отсто ја одобруваа.

Анкетата на „Вол Стрит журнал“/ „Ен-би-си њуз“ анкетираше 900 регистрирани гласачи од 9 јули до 12 јули и е со маргина на грешка од плус/ минус 3,2 процентни поени. Анкетата на „Квинипијак“ анкетираше 1.273 самоидентификувани регистрирани гласачи на национално ниво од 9 до 13 јули и е со магрина на грешка од плус/ минус 2,8 процентни поени.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Обилни снежни врнежи во Турција: Затворени училишта и спасени стотици граѓани

ЕК: ЕУ останува цврсто посветена на итно искоренување на насилството врз жените

Анкета: Повеќето Американци се задоволни од победата и потезите на Трамп при трансферот на власта