Утрински Весник
Македонија

АХВ со препораки како да се избегне труење со храна на високите летни температури

АХВ со препораки како да се избегне труење со храна на високите летни температури

Најавата за зголемување на температурите го подигна алармот за заштита на луѓето од можно труење со храна, велат од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), од каде што порачуваат дека граѓаните во овој предиот треба да прават правилен избор, набавка и транспорт на продуктите.

„Храната да се купува од одобрени оператори, да се води сметка за изгледот, рокот на употреба и нејзино соодветно чување, а лесно расипливите продукти да се купуваат исклучиво од објекти каде што производите се чуваат во разладни уреди. Да се избегнува купување и да не се користи храна со оштетена амбалажа (нагмечена, надуена или напукната), а оладените или замрзнатите производи да се купуваат на крајот од пазарењето. Месо, млеко и јајца да се купуваат на крајот на пазарењето, а овие производи да се внимава не се чуваат долго време во автомобил и други транспортни средства, каде што температурите се многу високи“, ги советуваат од АХВ потрошувачите.

Од таму нагласуваат дека пред подготовката на храната неопходно е добро да се измијат рацете.

„Овошјето и зеленчукот темелно да се измијат под млаз вода, месото, млекото и јајцата термички добро да се обработат. Ако по подготвувањето храната не се јаде веднаш, таа треба да се чува во фрижидер. Рацете често да се мијат и во текот на подготовката на храната. Во фрижидерот на најгорните полици да се чува зготвената храна, а на подолните суровата“, истакнуваат од АХВ.

Исто така, од Агенцијата сугерираат купена или веќе подготвена храна граѓаните да земаат од угостителски објект што имаат добра репутација.

„Доколку сте купиле топла, оладена или замрзната храна, треба што побргу да ја донесете дома и веднаш да ја ставите во ладилник или замрзнувач. Проверете дали лицето што послужува храна користи посебни штипки за разни видови храна, во објектите за брза храна одбегнувајте ги додатоците што не стојат во ладилник, како што се мајонез, кечап, крем-салати, сосови, преливи…“, се вели во соопштението.

Од АХВ апелираат да се обрне внимание и на здравјето на домашните животни и милениците бидејќи високите температури може да бидат кобни за нив ако животните се држат во несоодветни услови, односно во објекти каде што има висок процент влага и недоволна вентилација или ако се држат директно изложени на сонце.

„Животните што се одгледуваат на фармите да се држат во проветрени простории, а треба да се внимава и на густината на населеноста на единките во објектите. Препорачливо е животните да се заштитат од директно изложување на сонце, односно да се чуваат под натстрешници или во природни ладовини. Излегувањето на животните да се врши во раните утрински или вечерни часови, период во кој треба да се организира и нивниот транспорт“, се дел од советите од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Скопје никако да се спаси од загадувањето, повторно во топ 10 најзагадени градови во светот!

Д-р Јовановски на подкаст ЗРАК: Има различни методи на реконструкција по мастектомија

Кузмановска: Хема – Онко нуди поддршка за лицата заболени од канцер