Утрински Весник
Македонија

АХВ: Дилетантски и неосновани се обвинувањата на Трипуновски, храната е безбедна и се контролира

АХВ: Дилетантски и неосновани се обвинувањата на Трипуновски, храната е безбедна и се контролира

Скопје, 2 март 2020 (МИА) – Дилетантски и неосновани се обвинувањата на дополнителниот заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски. Македонските граѓани јадат безбедна храна, од домашно производство и од увоз, која редовно се контролира од официјалните ветеринари и од инспекторите за храна, тврди Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).

Според АХВ, Трипуновски кој со денешната прес-конференција се обиде да внесе страв кај граѓаните дека јадат небезбедна храна, досега требаше да научи дека официјалните контроли се основа за контрола на безбедноста на храната и нив инспекциските служби на АХВ секојдневно ги спроведуваат. Мониторинг-програмите, пак, за безбедност на храната, се испитувања кои се вршат покрај официјалните контроли и претставуваат само поширок показател и основа за анализирање на ризикот, како и база за планирање на спроведувањето на официјалните контроли.

АХВ потенцира дека минатата година, вклучувајќи го и периодот што го спомнува Трипуновски (од 05.06 до 11.11.2019), од увоз и од домашното производство и промет се земени и лабораториски се испитани вкупно 6.929 мостри само од храна од животинско потекло. Дополнително, од увоз се испитани и 376 мостри од храна од животинско потекло, храна за животни и нус производи од животинско потекло.

-Како одговорна институција за безбедноста на храната, храната за животни и здравјето на потрошувачите, апелираме Трипуновски место неосновано да обвинува и да ги застрашува граѓаните дека јадат небезбедна храна, да научи што е мониторинг, а што официјални контроли. Официјални контроли Агенцијата спроведува секојдневно, во текот на целата година, а мониторингот може и се спроведува во кој било период од годината. Постапките за јавните набавки за вршење лабораториски испитувања на безбедноста на храната од животинско и неживотинско потекло АХВ ги има почнато уште во февруари и се завршени согласно законските процедури, наведува Агенцијата.

АХВ аелира „граѓаните да им веруваат на институциите и да не подлегнуваат на лажните политикантски обвинувања со кои кај нив неосновано се креира страв и паника дека јадат небезбедна храна“.

Дополнителниот заменик-министер за земјоделство, Цветан Трипуновски денеска обвини дека АХВ речиси половина година не вршела никаква проверка на безбедноста на храната и дека граѓаните не знаеле дали можеби јадат месо со антибиотици и тешки метали, млеко со афлатоксини, јајца со органофосфорни соединенија или генетски модифицирани организми. Трипуновски го повика Јавното обвинителство да отвори истрага и да утврди дали во периодот од 05.06 до 11.11.2019, кога според него, не се вршел мониторинг, имало штета врз здравјето на граѓаните. Притоа, тој го впери прстот за одговорноста директно во тогашниот премиер Зоран Заев и во директорот на АХВ, Зоран Атанасов. мч/дма/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Скопје никако да се спаси од загадувањето, повторно во топ 10 најзагадени градови во светот!

Д-р Јовановски на подкаст ЗРАК: Има различни методи на реконструкција по мастектомија

Кузмановска: Хема – Онко нуди поддршка за лицата заболени од канцер