Последниот можен правен предизвик за сопственоста на „Лед цепелин“ врз мега-хитот Stairway To Heaven (Скали до рајот) е поразен.
Британските рок-легенди беа тужени за плагијат во 2014 година поради тврдењата дека воведниот риф во нивната песна е украден од песна на малку познат американски бенд.
„Лед цепелин“ беше обвинет дека ја плагирал песната „Таурус“ на американскиот „Спирит“.
Рок-легендите го добија случајот во 2016 година, но тој беше обновен по жалба поднесена две години подоцна (2018).
Апелациониот суд ја потврди првичната пресуда претходно годинава. А сега, Врховниот суд на САД одби да го сослуша случајот, дефинитивно ставајќи крај на секој понатамошен обид да се оспори авторското право на мегахитот на „Лед цепелин“.
Stairway To Heaven редовно се појавува на листите со најголемите рок-песни што некогаш биле напишани, а судскиот случај беше еден од медиумски најпокриваните спорови во музичката индустрија.