Утрински Весник
Македонија

Атанасов, Живковиќ и Димитриевски: Кандидатурите за ректор ги ставивме во мирување, не се повлекуваме и не бојкотираме

Атанасов, Живковиќ и Димитриевски: Кандидатурите за ректор ги ставивме во мирување, не се повлекуваме и не бојкотираме

Скопје, 26 јуни 2020 (МИА) –  Тројцата кандидати за ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, професорите Петар Атанасов, Вујица Живковиќ и Драги Димитриевски, кои вчера соопштија дека нема да учествуваат во денешните избори за ректор, во допис до медиумите укажуваат дека не се повлекуваат од натпреварот и не бојкотираат, туку своите кандидатури вчера ги ставиле во мирување.

– Во текот на вчерашниот и денешниот ден од страна на формални и неформални структури на УКИМ се шират лаги дека се повлекуваме од натпреварот за избор на ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Лага е дека ние тројцата кандидати професорите што вчера ги ставивме нашите кандитатури во мирување, се повлекуваме и го бојкотираме изборот. Ние вчера јасно и гласно кажавме дека нашите кандидатури ги ставаме во мирување согласно со извештаите и препораките на ДКСК и ДПИ, наведуваат тројцата кандидати за ректор. 

Во дописот до медиумите го повторуваат нивниот став дека „овие избори за ректор се нелегални, недемократски и неакадемски“ и дека  – „во овој момент Универзитетската изборна комисија не работи во согласност со Законот за високо образование и Статутот на УКИМ“.

-Нашите кандитатури ги ставивме во мирување, затоа што не сакаме да учествуваме на вакви избори и да и дадеме легитимност на целата оваа нелегална постапка. Ние остануваме на ставот дека денешното гласање е противзаконско. Ние се залагаме дека процедурата за избор на ректор треба да биде демократска, транспарентна и без прекршување на законот. Ние бараме фер услови, онака како што пропишува новиот Закон за високо образование. Денешниот ден е обид на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ да се спроведат недемократски, нелегални и насилни избори од страна на ректорот Јанкуловски и на Универзитетската изборна комисија, наведуваат Атанасов, Живковиќ и Димитриевски.

Ги повикаа нивните колеги професори и студентите  дека „овие избори за ректор треба да се поништат и да се прогласат за ништовни“, додавајќи дека новиот Сенат треба да избере нова комисија за законско спроведување на изборот за ректор по парламентарните избори. хс/скс/

 


Извор: mia.mk

Можете да прочитате

КАКО ДА СМЕ ЈАНУАРИ, А НЕ НОЕМВРИ: Рано утринава во Македонија измерени дури -12 степени!

И покрај ветерот повеќе градови во Македонија дишат загаден воздух – Во Кичево девет пати над дозволеното

Утринава -10: Каде беше најстудено а каде најтопло?